Бројот на овци, крави и на свињи во државата е во постојан пад. Зголемените трошоци, иселувањето на младите и ниските откупни цени на млекото и на месото придонесоа за драстично намалување на сточниот фонд. Сточарите велат дека состојбата е загрижувачка и оти во некои села, од 2.000 грла овци, сега нема ниту една. Слична е ситуацијата и со кравите, а причина се неисплатените субвенции, задоцнетата државна помош и ниските откупни цени на млекото, кои 12-13 години не се променети. Нешто подобра беше ситуацијата во свињарството, но последниве години и производството на свинско месо не ги покрива потребите на домашниот пазар.
– Стоката се преполови. Во Македонија, нема ниту 350 илјади овци, а слична е ситуацијата и со кравите и со свињите. Бројките секојдневно опаѓаат, а државата нема решение за овој проблем. Субвенциите доцнат, сточарите немаат со што да ја прехранат стоката и ја продаваат или ја носат во кланици. Погубната политика на државата го уништи сточарството. Ситуацијата е загрижувачка, бидејќи во скоро време може да останеме без овци, крави, свињи и без млеко и месо – вели за ВЕЧЕР Митко Јанков, претседател на „Агроцентар“ од Велес.
Вели дека и покрај тоа што им ветиле дека нема да дозволат извоз на житни култури, од ресорното Министерство не го одржале ветувањето. Сега сточарите мораат да плаќаат поскапа храна, бидејќи поради извозот, цената на сточната храна порасна.
– Сега мораме да го плаќаме јачменот по многу повисока цена. Баравме нашиот јачмен да остане на домашниот пазар и да го плаќаме по пониска цена. Сега, поради извозот, има помали количини и мораме да го плаќаме по повисока цена. Освен тоа, и цената на сојата, која ја увезуваме од лани, досега порасна за 300 отсто, а луцерката, која тешко може да се најде, се продава по 13 до 14 денари за килограм – објаснува Јанков и додава дека ќе мора да увезуваме месо и млеко, а ќе останеме и без нашето квалитетно овчо сирење.
Дека сточниот фонд во државата се намалува, потврдуваат и од Сојузот на одгледувачи на овци и од Националната федерација на фармери, од каде што велат дека во некои села, од 2.000 грла овци, сега нема ниту една.
– Цената на сточната храна од лани досега е за 100 отсто повисока, само сојата е качена за 300 отсто. Зимава, тие што немаа сопствена храна, освен тоа што мораа да ја платат многу скапо, не можеа да ја најдат, немаше луцерка, немаше соја… Зголемените трошоци и ниските откупни цени на месото и на млекото придонесоа за намалување на сточниот фонд во државата. Во некои села, од 2.000 грла овци, сега нема ниту една – вели за ВЕЧЕР Стеванче Јорданоски од Националната федерација на фармери.
Трошоците на фармите постојано растат, а цените на нивните продукти не ги следат тие поскапувања, поради што голем дел од сточарите ја продаваат стоката. Сточарите велат дека неопходна е помош од државата за да се стабилизира состојбата, но не веруваат дека ќе запре негативниот тренд во сточарството.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат намалување на бројот на сите видови добиток и на производството на месо. Во периодот од 2015 до 2019 година, имаме намалување за 11.200 одгледувалишта од вкупниот број, а секторот бележи пад на вкупниот број говеда за 25 проценти.
(А.С.)