Ќе има ново зголемување на цените, компаниите веќе ги прават пресметките за колку ќе ги покачат производите

Компаниите веќе прават пресметките за нови повисоки цени на производите по серијата поскапувања на суровините, нафтата, струјата, транспортот и на работната сила со растот на минималецот. Производителите велат дека не можат веќе да го издржат ударот од растот на цените на суровините и енергенсите и бараат помош од државата за да можат да исплатат плати. И за граѓаните, ограничените маржи не го дадоа посакуваниот ефект

1350

За десет дена истекува мерката за ограничување на маржите на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало. Компаниите веќе прават пресметки за нови повисоки цени на производите по серијата поскапувања на суровините, нафтата, струјата, транспортот и на работната сила со растот на минималецот. Производителите велат дека не можат веќе да го издржат ударот од растот на цените на суровините и енергенсите и бараат помош од државата за да можат да исплатат плати. И за граѓаните, ограничените маржи не го дадоа посакуваниот ефект, бидејќи и покрај владините мерки цените на производите постојано растеа.

Прогнозите на бизнис-заедницата во однос на цените не се воопшто оптимистички. Велат дека откако ќе престане да важи мерката за ограничени маржи, ќе се зголемат цените на речиси сите производи.

-Нормално е цените да растат, бидејќи немаме друга опција освен да ги затвориме фирмите. Мерката за ограничени маржи не даде некој поголем ефект бидејќи во суштина не ги промени многу работите. Кој ќе произведува ако не може да ги покрие трошоците. Сите производители ќе направат пресметки и ќе ги коригираат цените. Компаниите немаат пари да исплатат плати, а доказ за тоа е последниот податок, според кој 90 илјади луѓе во индустријата не зеле плати, изјави за ВЕЧЕР, Горан Георгиевски, претседател на Агро-бизнис комора при ССК.

Според него, компаниите не можат веќе да го издржат ударот од растот на суровините кои се зголемени од 60 до 80 отсто, на струјата за 400 отсто, горивата… и бараат помош од државата за да опстанат.

-Со овие цени на инпутите веќе никој не гледа профитабилност, туку само гол опстанок. Компаниите веќе не можат да го издржат овој товар од растот на цените на суровините и енергенсите. Ние сме единствена држава во светот во која администрацијата има приоритет, а бизнисот не се поддржува, додава Георгиевски.

Цените на струјата и гасот сè уште се високи, а она што ги загрижува производителите е постојаниот пораст на цените на нафтата.

-Околу 70 отсто од компаниите од мелничко-пекарската индустрија користат екстра лесно гориво, кое во последните два месеца е зголемено за 30 отсто, материјалите за пакување за 25 отсто, а цените на пченицата за 10 отсто. Сите овие зголемувања се значајни ставки во производството на компаниите така што неизбежно е ново покачување на цените. Колкаво ќе биде покачувањето, ќе зависи од компаниите, бидејќи секоја компанија си ги прави своите пресметки, вели Горан Малишиќ, претседател на Здружението за мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека се прават анализи како да се ремоделира оваа мерка која беше донесена да спречи ценовен шок во државата. Тој уверува дека владините мерки нема да влијаат негативно врз работата на приватните компании кои произведуваат храна.

-Се прават анализи до кога тие мерки се издржливи и на каков начин ќе бидат модифицирани, со оглед на тоа дека не треба да ги доведеме производствените капацитети во ситуација да мора да работат со загуби, бидејќи во тој случај ќе станат неликвидни, изјави Ковачевски.

И за граѓаните, ограничените маржи не го дадоа посакуваниот ефект, бидејќи и покрај владините мерки цените на производите постојано растеа. Куповната моќ им е сериозно намалена, платите на најголемиот дел од работниците стагнираат, а цените се качија до плафон.

(А.С.)