Ќе има ли мнозинство?!

Траат пазарењата за привлекување на мнозинство на пратениците во владејачкиот и опозицискиот табор по закажувањето на собраниската седницата за гласање на (не)доверба на владата во четврток. Останува неизвесно колкумина пратеници ќе гласаат за недоверба на владата на Зоран Заев, откако започна премислувањето во Алтернатива. Прашање е и дали одлуката на Управниот суд за прифаќање на жалбата на Беса во Желино ќе ја премисли партијата за гласањето во четврток. Остануваат повеќе опции за разврска на политичкиот заплет, а веројатно најмногу проблеми ќе донесе евентуалната состојба на ист број пратеници на власта и опозицијата во Собранието, што би ја блокирала работата и носењето на закони, а посебно гласањето за Буџетот.     

564

Собранието ќе биде арена во која ќе се води неизвесна битка, откако собранискиот претседател Талат Џафери ја закажа во четврток седницата на која ќе се гласа за недоверба на владата, по иницијатива со потписи од 61 пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, АА и Алтернатива, Беса и Левица поднесена вчера. Во меѓувреме траат пазарењата за привлекување на мнозинство на пратениците во владејачкиот и опозицискиот табор и останува неизвесно колкумина пратеници ќе гласаат за недоверба на владата на Зоран Заев.

По најавата на пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи Зејд дека го повлекува својот потпис за постигнување на ново парламентарно мнозинство поради потписите на пратениците од Левица, ситуацијата во односот на гласовите во парламентот е 60:60. Ова значи дека опозицијата нема доволно гласови да ја сруши власта, но според политичките експерти, ќе го блокира Собранието, бидејќи ќе биде тешко да се носат нови закони, да се свикуваат собраниски седници, а најтешко ќе биде да се изгласа Буџетот.

Собранискиот спикер Џафери вчера го повикал премиерот Заев лично да го информира за поднесената иницијатива како и за следните деловнички чекори, потврдија од СДСМ.

„Претседателот на Собранието, Талат Џафери, согласно член 215 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, ќе ја свика седницата за барање за гласање доверба на влада, а седницата ќе се одржи на третиот ден од денот на поставување на прашањето за доверба на владата, односно во четврток, на 11 ноември 2021, во 11:00 часот“, информираа од кабинетот на претседателот на Собранието.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски претходно ја најави иницијативата и кажа дека е потпишана од 61 пратеник, но оти исто така дека тие интензивно разговараат и со други пратеници.

По поднесувањето на иницијативата реагираа од СДСМ посочувајќи дека деновите пред нас ќе покажат дали ВМРО-ДПМНЕ имаат доволно пратеници за изгласување недоверба за владата или не.

Неизвесноста колкумина пратеници ќе гласаат за недоверба на владата на Заев ја предизвика народниот избраник на Алтернатива Реџепи кој изјави дека го повлекува својот потпис за постигнување на ново парламентарно мнозинство поради потписите на пратениците од Левица. Дел од неговите сопартијци, меѓу кои бизнисменот Али Исмаил со група членови на партијата му испратија порака на Фејсбук да не се повлекува: „Со вас сме момци. Долу владата“.

Лидерот на Алтернатива за Албанците Зијадин Села пак порача дека пратеникот Реџепи-Зејд не е изманипулиран во однос на списокот за формирање на ново парламентарно мнозинство. Според него, сите знаат дека списокот што е потпишан е потпишан за уривање на владата на овој хибриден режим. Тој смета дека ставот на Реџепи не мора да значи дека е пропаднато новото парламентарно мнозинство.

И координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски лично се обрати до својот колега од Алтернатива, Реџепи, повикувајќи го да не го менува ставот за гласање недоверба на владата на Заев.

„Колега Скендер Реџепи да го сочуваме достоинството на пратениците и затоа Ве повикувам заедно да ставиме крај на газењето на пратениците од страна на хибридниот режим и согласно член 92 од Уставот, изберете 19 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со вас ќе поднесат нова иницијатива до Собранието за гласање на недоверба на владата на хибридниот режим СДСМ-ДУИ. Да нема изговори зошто се потпишал овој или оној бидејќи ова е гласање против хибридниот режим на СДСМ-ДУИ“, му порача Мицевски.

Во врска со изјавата на пратеникот Скендер Реџепи на Фејсбук се огласи и лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев кој смета дека пратениците на Алијанса на Албанците, Алтернатива и Беса имаат шанса да ја стават ДУИ во опозиција.

„Ако пратениците на АА, Алтернатива и Беса не ја искористат историската шанса во четврток да го стават ДУИ во опозиција, тогаш на наредни избори (кога и да бидат) ќе бидат прегазени токму од ДУИ како шлепер жаба и никогаш нема да се повратат“, напиша Апасиев на Фејсбук, додавајќи дека ДУИ, од позиција на власт, ќе освои 18 пратеници, а тие – максимум девет.

Владејачката Беса, пак, одлучи да се приклучи на иницијативата на опозицијата за ново парламентарно мнозинство откако Државната изборна комисија прифати приговор на ДУИ за прегласување во тетовската општина Желино. Како што е познато, на локалните избори кандидатот за градоначалник на Беса со тесна разлика го победи противникот од ДУИ, па помалата партија во власта му замери на поголемиот партнер дека сака да им ја украде победата преку злоупотреба на институциите. Но, Управниот суд во понеделникот ја прифати жалбата на Беса против одлуката на ДИК, што значи дека се потврдува изборот на нивниот кандидат за градоначалник на Желино, па останува прашањето дали оваа одлука ќе влијае врз гласањето на пратениците од Беса во четврток.

Дополнителен проблем за опозицијата е веста дека координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и пратеничката Ангелинка Петкова се во изолација, но се очекува во четврток да дојдат на гласањето на недоверба на владата согласно со Протоколот што беше донесен од Комисијата за заразни болести и беше применет во Собранието во април годинава.

Од друга страна, претседателот на Либерално-демократската партија Горан Милевски изјави дека нема потписи на ЛДП на списокот за постигнување на ново парламентарно мнозинство, составено од ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, АА, Левица и Беса.

„Потписи на ЛДП нема на списокот, нема ни да ги има“, рече Милевски.

Пратеничката и претседателка на ДОМ, Маја Морачанин, пак, денеска истакна дека доколку опозицијата има план што после гласањето недоверба на владата, таа и нејзината партија се спремни да придонесат и да се вклучат во водењето на државата. Морачанин во директна комуникација со пратеникот на ГРОМ, Љупчо Пренџов кој е дел од „Коалицијата за обнова на Македонија“, потенцира дека оставката била лична одлука на Заев и дека и да си замине од политичката сцена нема да и се случи катастрофа на државата туку едноставно народот и сите политички чинители ќе се навикнат.

„Aко вие имате план, можеме да придонесеме, да се вклучиме. Oставката беше негова одлука. Политичките функции се минливи и менливи околу тоа не треба да се прави драма. Ако целата држава зависи од еден, двајца, тројца тогаш сериозно имаме проблем со демократскиот капацитет“, рече Морачанин.

Доколку на владата и биде изгласана недоверба, претседателот на владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата, се вели во член 218. За изгласаната недоверба на владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.

Во целиов политички заплет постојат уште две можности. Премиерот Заев да поднесе оставка пред почетокот на седницата во четврток или за време на усвојувањето на дневниот ред, по што седницата се прекинува и почнува постапката за избор на нова влада, што е малку неверојатно. Како последна можност, која е најмалку можна, останува предлагачите на иницијативата да ја повлечат пред почетокот на седницата доколку оценат дека немаат доволно пратеници за изгласување недоверба на владата.

(И.С.)