Барањето на Србија за екстрадиција на поранешниот припадник на УЧК, Томор Морина, кое веќе е пристигнато во Министерството за правда, се преведува. Се очекува утре материјалот да биде доставен до Кривичниот суд. Конечната одлука за негова екстрадиција или ослободување ќе ја донесе Министерството за правда.
Морина беше уапсен на граничниот премин Блаце по потерница распишана од Интерпол, бидејќи во Србија се товари за злосторства кон цивили.
Функционери од албанските партии во земјава, како вицепремиерот Бујар Османи отворено се заложија за него и побараа од судските инстанци да го ослободат, што предизвика бурни реакции кај северниот сосед.
– Болна вистина е што и по 20 години од конфликтот, луѓето сѐ уште се држат за конфликтот од 99-тата. Ова подразбира дека државата, односно правосудството треба да помине низ потребните постапки додека Министерството за правда не донесе одлука за неговото неекстрадирање. Бидете уверени дека колку што може политиката да влијае во вакви ситуации, правиме сѐ за да ги алармираме сите дека ова е неприфатливо и дека господинот Морина итно треба да биде ослободен – изјави Османи.
На иста линија со Османи е и косовскиот амбасадор Дедај, кој во ексклузивно интервју за ТВ21 рече дека можното екстрадирање може да ги наруши односите меѓу Косово и Македонија.
Србија бара и очекува дека македонските власти ќе го испорачаат Морина. Министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, повика премиерот Зоран Заев да го исполни ветувањето – дека ќе го почитува меѓународното право и истакна дека секој кој е дел од Интерпол треба да се придржува кон прописите на организацијата
– Заев рече дека тие ќе го почитуваат меѓународното право и тоа може да значи само испорачување на Морина на органите на Србија и ништо друго. Чекаме зборовите на Заев да се исполнат и меѓународното право да биде испочитувано, изјави Стефановиќ, пренесоа српските медиуми.