Поминаа неколку дена од изборот на Африм Гаши за претседател на Собранието на 28 мај, а утре, во Парламентот, ќе се одржи и првата координација на пратеничките групи што добија мандати во Собранието. Според најавите на Гаши, на средбата ќе се разговара за следните активности и за тоа кога може да има прва седница за законите поврзани со промените на министерствата во владиниот кабинет, но вели дека не знае дали ќе има договор.
Партиски извори велат дека најпрво треба да се формираат комисии за да бидат разгледани овие закони, а потоа тие да се најдат на дневен ред на седница.
Спикерот Гаши деновиве најави дека овие измени се приоритет и дека прва работа на новото владејачко мнозинство ќе биде да се најде двотретинско мнозинство за реорганизација на државната управа, односно за уставни измени со кои ќе се воведат нови министерства и ќе се променат надлежностите на некои од актуелните министерства, како што е предвидено со изборната програма на ВМРО- ДПМНЕ.
Оваа седница за измена на системските закони мора да биде свикана пред онаа за формирање на идниот владин состав, со оглед на тоа што во преговорите за распределба на ресорите во новата Влада, кои се во завршна фаза, ресорите се веќе поделени според новиот дизајн.
Нови министерства би биле оние за спорт, за дигитална трансформација, и за енергетика, рударство и минерални суровини. Дел од постојните треба да се трансформираат, па Министерството за економија ќе стане министерство за економија и труд, а досегашното Министерство за труд и социјална политика би било министерство за социјална политика, демографија и млади. Во Министерството за култура ќе се додаде и секторот туризам.
За да се измени владиниот кабинет како што е предвидено со програмата „1 198“ и за да бидат изгласани системските закони за организација на работата на органите на државата, неопходна е поддршка од две третини од парламентарното мнозинство во Собранието.
На прашањето дали ќе тактизира со закажување на седницата или веќе се обезбедени 80-мина пратеници, Гаши рече дека измената на системскиот закон за реорганизација во Владата е речиси завршена работа.
– Ќе се потрудиме, заеднички со сите политички партии, да се договориме тој закон да биде еден од првите што ќе се постави на пленарната седница – вели Гаши за РСЕ.
Освен законот за трансформација на министерствата, на првата седница на Собранието на дневен ред би можеле да се најдат и измени со кои ќe се избегнат предвремени избори за градоначалници.
Гаши најави дека она што сакаат да го решат идните коалициски партнери меѓу првите прашања е и да се избегнат предвремени избори за градоначалници во општините чии актуелни први луѓе може да се преселат во министерските фотелји.
Градоначалниците на Гостивар и на Аеродром, Арбен Таравари и Тимчо Муцунски, се меѓу оние што се споменуваат дека ќе направат трансфер од локалната во извршната власт, Таравари како иден министер за здравство, а за Муцунски досега се споменуваа неколку ресори, меѓу кои МНР и Одбрана. Нивниот трансфер од градоначалничка во министерска фотелја ќе го отвори патот за нови градоначалници на двете општини, што е веќе случај и со Општина Сарај, чиј досегашен прв човек, Блерим Беџети, стана пратеник од коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ.
И градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, стана пратеник од редовите на коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ.
Во Законот за локална самоуправа, до распишување нови избори, сега е предвидено дека општинскиот совет треба да избере в.д. градоначалник од сопствените редови.
М.С.
Гаши:„Заклетвата ја прочитав на два јазика од технички причини, не беше намерно“
Новоизбраниот претседател на Собранието, Африм Гаши, категорично отфрли дека прекршил одреден пропис со тоа што ја даде свечената заклетва на конститутивната седница на 28 мај прво на албански, а потоа на македонски јазик.
– Тоа се работи само од технички аспект, јас ја прочитав заклетвата на двата јазика. Тоа е од технички причини. Сигурно не било намерно. И да било, тоа е работа на Собранието. Без разлика, јас мислам дека не треба да обрнуваме внимание на такви работи, но и демократско право е на секој пратеник и граѓанин да реагира ако мисли дека е прекршено некое право – изјави Гаши во неделното интервју на РСЕ.