Фудбалската репрезентација на Македонија за да ги задржи шансите за пласман на Европското првенство во 2020 година низ овие квалификации ќе мора да забележи победа на утрешниот натпревар (20:45 часот) против Словенија кој ќе се одигра на Националната Арена „Тодор Проески“.

За да се оствари тоа, репрезентативците ќе мора да го дадат својот максимум и да гинат за секоја топка, а тоа го потврди и селекторот Игор Ангеловски.

  • Не ме интересира како размислува Словенија, ме интересира само како ќе настапат моите играчи. Затоа, можам да ветам дека тие се подготвени и ќе се борат за секоја педа од теренот со цел да дојдеме до таа посакувана победа. Ние и Словенија не сме нешто многу различни во составот од тој меч во март во Љубљана. Нормално едно е кога доаѓаш после три победи со голема самодоверба, ама и Македонија има самодоверба, играме одлично во серија. Очекувам дуел на две селекции кои добро се познаваат и кои многу слично ќе изгледаат на теренот. Нормално ќе има некои изненадувања од моја страна, но и од страна на селекторот Кек, ама сè на се очекувам слични репрезентации на мечот, изјави Ангеловски.

Од друга страна, капитенот на селекцијата, Горан Пандев порача да не доаѓаат навивачи кои плукаат по репрезентацијата, туку само тие кои ја почитуваат.

  • Не ни требаат луѓе што плукаат и ја напаѓаат селекцијата од трибини. Ни требаат тие што нè почитуваат. Ние си ја гледаме нашата работа, не нè интересира дали ќе има 15.000 или 30.000, ама сакаме да дојдат тие што вистински ја сакаат Македонија, додаде Пандев.

„Црвено – жолтите“ на овој меч ќе бидат без услугите на Енис Барди, Дарко Велковски и Егзон Бејтулаи кои поради повреди не можеа да му се стават на располагање на селекторот Ангеловски.

ФОТО: Петр Стојановски