Сè што сум кажал – било реализирано, така ќе биде и со уставните измени, уверува лидерот на ДУИ, Али Ахмети, без да прецизира дали има најави за продолжување на седницата на која треба да се гласа за уставните измени. Седницата за уставните измени, пред еден месец, беше прекината откако беше исцрпена листата со говорници за дневниот ред, а не беше обезбедено потребното мнозинство за гласање.
– Јас сум секогаш оптимист. Дали некогаш сум звучел песимистички? Колку години ме следите во политиката? Дали се согласувате дека сè што сум рекол досега се реализирало? Дали има нешто што сум рекол, а не испаднало така? Еве сега ви кажувам, уставни измени ќе има! Не треба да седиме на два стола, не треба да сме песимисти, не треба да сме разочарани, ние сме во залет, ќе ги поминеме сите пречки до зачленувањето во ЕУ. Нема назад! – вели Ахмети.
Во интервју за телевизија „21“,Ахмети, иако не кажува датум, додава дека кога ќе биде продолжена седницата за уставните измени, на неа ќе бидат изгласани измените.
– Еве ви кажувам ексклузивно, но не ви кажувам датум. Собраниската дебата е завршена. Потребно е да се свика седница за гласање, не ви кажувам кога, но во моментот кога ќе биде свикана седницата, ќе се гласа. Кога? Дебатата е затворена, Собранието ќе свика наредна седница, само за гласање, рокот за тоа е до пред парламентарните избори. Сега дали ќе има 80 или 120 не знам, јас сакам да има 80 пратеници, Ковачевски сака да гласаат сите 120 пратеници „за“ – вели Ахмети.
Во интервјуто, Ахмети е дециден: не постои никаков договор со ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени.
– Нема никаков договор со ВМРО да се изгласаат уставните измени. ВМРО јавно го искажа својот став дека нема да ги изгласа уставните измени под бугарски диктат. Ние имаме огромни разлики овде, ова е многу жешка тема и тема што бара многу поконцентриран пристап. Ние овде многу се разликуваме со ВМРО – заклучува Ахмети.
Според Ахмети, Мицкоски има одговорност, затоа што уставните измени отвораат пат напред за државата.
– Христијан Мицкоски треба да размисли убаво. Тој има голема одговорност како лидер на опозицијата. Треба да разбере дека уставните измени отвораат пат напред за државата, отвораат пат за развој на државата. Просто е тоа, земете го извештајот на Ирска и видете колку Полјаци се вратени во Полска по зачленувањето на земјата во ЕУ. Кај нас, бегаат младите. Ако Мицкоски, Ковачевски, Ахмети, Тачи, Таравари сакаат да останат сами во Македонија и да гласаат меѓу себе, тогаш нема да гласаат за уставните измени и луѓето ќе ни избегаат од државата – порача Ахмети.
Ахмети додава дека „на состанок пред неколку години, каде што бил присутен и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, им кажал за острата реторика на националистичките партии во Бугарија“.
– Јас сум бил на неколку средби во Софија, националистичките партии ми велеа: „Всичко Блгари, нема македонски народ“, и да ви кажам искрено, оваа нивна реторика ме вознемири и ова бараше сериозно да се следи и да се анализира. Ова им го кажав на меѓународните претставници – дека националистичките партии во Бугарија имаат остра реторика и тоа е сериозен проблем, кој може во иднина да ни направи уште поголем проблем. Еве го проблемот денес. Затоа, да ги внесеме Бугарите во Уставот. Тоа е за доброто на државата. Да одиме напред и да не се враќаме назад. Ни бегаат луѓето надвор од државата, бегаат Македонци, Албанци, сите бегаат затоа што не гледаат иднина. Со зачленувањето во ЕУ, се отвора перспектива – вели Ахмети.
И додека Ахмети отворено кажува дека нема договор со опозицијата за уставните измени, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски деновиве, во интервју, рече дека премиерот Ковачевски разговара со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за да се премислат околу промените на Уставот во име на евроинтеграциите.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прекина седницата за уставните измени на 18 август. Дневниот ред на седницата во Собранието за започнување на процедурата за уставните измени беше усвоен со 70 гласа „за“, а по исцрпувањето на дискусијата за предлог-одлуката за пристапување кон измена на Уставот, претседателот Џафери го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство. До овој момент, официјално нема промена во партиските позиции за уставните измени, а меѓународниот притисок и понатаму трае.
За да биде дел од Европската Унија, Република Македонија мора да го промени својот Устав, изјавил бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, кој учествува на конференција организирана во Европскиот парламент, насловена „Секогаш поблиска Унија – придонесот на Бугарија за целосна европска интеграција“.
– Верувам дека ќе се најде политички разум и РСМ ќе ги исполни преземените обврски. Тоа не се бугарски услови, туку европска определба изгласана од двете страни – прокоментирал европратеникот, пренесуваат бугарските медиуми.
Официјална Софија лани го повлече ветото на македонските евроинтеграции наметнато поради поради историски, јазичен и идентитетски спор со Скопје. Но, за да почне земјава да отвора кластери во преговорите со ЕУ, треба да го промени Уставот и да ги вклучи и Бугарите во него.