Њујорк тоне под тежината на сопствените облакодери: Ситуацијата станува сè полоша!

136

Најновото истражување на Геолошкиот институт на САД покажа дека Њујорк почнал да тоне поради тежината на облакодерите и други згради. 

Водачот на истражувањето и геолог Том Парсонс од Геолошкиот институт на САД и неговите колеги ја пресметале кумулативната маса на повеќе од милион згради во Њујорк и процениле дека е околу 764.000.000 тони е притисокот врз карпестата основа на секоја зона.

Истражувањата покажаа дека поради тежината на облакодерите и другите згради, Њујорк тоне во просек од еден до два милиметри годишно, а некои делови тонат многу побрзо. На прв поглед ова не е загрижувачко, но експертите ги загрижува фактот што овој процес го прави Големото јаболко исклучително ранливо на природни катастрофи. Особено се загрозени областа на Менхетен, како и Бруклин и Квинс.

Градот, кој има околу 8,4 милиони жители, се соочува со опасност од поплави бидејќи во таа област ризикот од покачување на нивото на морето е три до четири пати поголем од глобалниот просек долж атлантскиот брег на Северна Америка, се вели во извештајот на експертите.

Ситуацијата може да се влоши со урагани и бури кои стануваат се почести и пожестоки, посочи Парсонс, потсетувајќи на жртвите и големите штети предизвикани од двата неодамнешни урагани, Сенди (2012) и Ајда (2021).

Емисиите на стакленички гасови имаат ефект на намалување на природната бариера на ветерот долж источниот брег на САД, што значи почести урагани со висок интензитет во наредните децении.

– Комбинацијата на тектонско и антропогено слегнување, покачувањето на нивото на морето и зголемениот интензитет на ураганите укажуваат на се поголем проблем долж крајбрежните и речните области – вели Парсонс.