„Њујорк тајмс“ го објави првиот наводен нацрт на мировниот договор меѓу Украина и Русија од 2022 година

152
Midtown Manhattan, NYC

Во нацрт-мировниот договор од 2022 година, кој никогаш не беше потпишан, Украина и Русија се согласија да го исклучат Крим од договорот, оставајќи го под руска јурисдикција, како и Украина да не го признае рускиот суверенитет над полуостровот, објави денеска „Њујорк тајмс“.

Русија и Украина одржаа неуспешни мировни преговори во Белорусија и Турција во првите месеци од војната во 2022 година и оттогаш не се одржани директни разговори меѓу двете завојувани страни.

Американскиот весник денеска го објави првиот наводен нацрт на мировниот договор од 2022 година во време кога Швајцарија е домаќин на глобален мировен самит за Украина, на кој учествуваат околу 100 земји, без учество на Русија.

Учесниците се надеваат дека ќе создадат заеднички мировен план што би можеле да му го претстават на рускиот претставник на следниот состанок, пишува Њујорк Тајмс.

Волстрит журнал ги објави условите на примирјето од 2022 година уште во март, но Њујорк тајмс го објави целосниот нацрт од 17 страници.

Според тој нацрт, статусот на териториите на Украина окупирани од Русија требаше да се решава на подоцнежните разговори меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин.

Украина се согласи да се откаже од аспирациите за влез во НАТО или која било друга воена алијанса, но договорот му дозволи на Киев да влезе во ЕУ.

Русија, исто така, побара укинување на сите западни санкции, укинување на сите украински закони поврзани со рускиот јазик и националниот идентитет и ограничување на украинските вооружени сили.

„Њујорк тајмс“ наведува дека најголемата пречка била поврзана со безбедносните гаранции под кои сили како Велика Британија, САД, Кина и Франција би застанале во одбрана на Украина доколку таа биде нападната.

Руските претставници, наводно, побарале право на вето врз тие гаранции, што значи дека Русија би можела да ја блокира меѓународната интервенција доколку самата Москва одлучи да започне уште една воена операција во Украина.

Поради ова барање, украинскиот тим наводно „немал интерес да ги продолжи преговорите“, изјавил украински функционер за американскиот весник.