Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при денешната работна посета на Националниот конзерваторски центар, најстарата матична стручна институција од областа на заштитата на културното наследство, констатираше дека низ годините е доведена до многу лоша состојба, и од кадровски и од технички аспект.
„НКЦ има надлежност во областа на заштитата на недвижното културно наследство на територијата на 32 општини во државава и е неопходна сериозна поддршка и внимание, што во изминатиот период евидентно отсуствувало, како и во сите други установи“, нагласи Љутков, потенцирајќи дека состојбата бара итно обезбедување повисоки средства за работа и нови вработувања.
На средбата со в. д. директорката, д-р Ангелина Поповска, и со вработените стана збор за тековните проекти, чија реализација не е почната делумно поради малкуте средства што се издвоени за почнување на проектот, а во голем дел поради неажурноста на претходното раководство.
„Од 2025 г. е подобро да се фокусираме на одредени проекти што ќе бидат затворени од првата до последната фаза. На тој начин, се надевам дека ќе реализираме голем број проекти“, рече Љутков.
Тој информираше и за дефицитот на стручен кадар, административни и помошно-технички лица во установата и нагласи дека Владата и Министерството за култура и туризам многу сериозно гледаат на овој проблем.
На средбата стана збор за повеќе теми, меѓу кои и дека следната година ќе се доделат средства што ќе бидат доволни за да се финализира проектот за конзервација и реставрација – препокривање на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирскиот комплекс „Матејче“. Станало збор и за други проекти, меѓу кои и проектот за реставрација, санација и ревитализација на конакот во Лешочкиот манастир „Св. Атанасие“ (шеста фаза), за кој овој месец се очекува финално завршување на предвидените позиции во согласност со договорените обврски. Стручните екипи на НКЦ го изработија и конзерваторскиот проект за конзервација и реставрација на 20-те икони илегално изнесени во Албанија и вратени кај нас дома, кој е испратен во УЗКН со цел формирање комисија.
Министерот Љутков ја посети и Конзерваторската лабораторија при НКЦ, каде што се реализира проектот за конзервација и реставрација на 122 ликовни дела (слики, цртежи и акварели) од Спомен-куќата на Лазар Личеноски. Досега се реализирани првите две фази со вкупно 27 реставрирани дела, а при посетата беше најавено дека во наредниот период ќе бидат опремени и осовременети конзерваторските лаборатории со воведување современи стандарди. При посетата на НКЦ, министерот Љутков се запозна и со релативно лошата состојба во која се наоѓа зградата на НУ НКЦ – Скопје, за што најави дека следната година ќе бидат издвоени средства за надминување на ваквите затечени состојби со објектот на НКЦ.