Црвениот крст на Град Скопје в среда ќе го организира хуманитарниот настан „Љубовни ноти“, што ќе се одржи во „Дистрикт бар Мериот“, со почеток во 19 часот.
На настанот проследен со забава, ќе има поставено масички за донација. Секој што ќе присуствува ќе може да донира во рамки на своите можности.
– Со собраните средства ќе купиме подароци во знак на внимание и поддршка на жените оперирани од канцер на Клиниката за онкологија. Подароците кои најчесто се цвеќе или бонбониери ќе им бидат предадени на 8 Март, по повод Денот на жената. Битно е да се посетат за празникот, да им се укаже внимание, со што ќе им се разубави денот – изјави Ана Франциќ, од стручната служба на Црвениот крст на град Скопје.
Таа додаде дека настанот се организира повеќе од 15 години.
– На хуманитарниот настан учествувале различни пејачи, изведувачи, водители, но тој секогаш бил наменет за истата целна група. Секој е добредојден – истакна Франциќ.
Црвениот крст на град Скопје исто така, под мотото „Застани! Слушни си го срцето“ организира и настани по повод неделата против срцевосадови заболувања која се одбележува од 21 до 28 февруари.
– Се работи за традиционална активност која оди во насока на промовирање на здравјето, како приоритет на секоја индивидуа и тоа со акцент не само на повозрасната популација, туку и кај младите – објасни Франциќ.
Таа додаде дека во рамки на неделата се реализирала работилница за млади на тема „Излегување од комфорната зона и пробување нови работи“.
– Се организираа и бесплатни кардиолошки прегледи за ранливото население, како и мерење на шеќер во крвта – истакна Франциќ.
(А.П.)