„Љубезност“ им го исполнува сонот на семејството Џајковиќ да имаат топол дом

181

Благодарение на здружението и увидување на потребата од соодветни услови за живот, ова семејство ќе има нова куќа со ПВЦ-прозорци и врати, наместо старата куќа која се распаѓа и е со гнили штици

 

Благодарение на хуманоста и пожртвуваноста на здружението „Љубезност“, семејството Џајковиќ кое живее во скопското село Кучевиште, во многу стара куќа која е пред распаѓање, ќе добие соодветен и пристоен дом. Станува збор за мајка која не работи и болна ќерка  кои живеат во супстандардни услови. Единствени средства со кои располагаат се додатокот за туѓа нега за болната ќерка.

Како што раскажува Тони Станковски, претседател на „Љубезност“, благодарение на една од тековните посети на социјално-загрозените семејства од страна на нивниот социјален работник, за да се видат нивните потреби, било констатирано дека на ова семејство му се потребни посоодветни услови за живеење.

– Ја увидовме потребата дека живеат во многу лоши услови, во куќа чии штици се стари и веќе гнили и затоа одлучивме да им помогнеме. Претходно им носевме облека и храна, но и мебел, но искрено ни беше страв од неговата тежина да не пропадне подот, затоа се решивме да им изградиме нова куќа. Навистина им беше потребна нашата поддршка – вели Станковски.

Тој истакна дека ги анимирале луѓето и фирмите, со цел да помогнат во изградбата на нова куќа за ова семејство во нивниот двор.

– Направивме објави на Фејсбук и Твитер и за среќа се јави човек кој има мала градежна фирма кој изрази желба да даде свој придонес, со тоа што бесплатно ќе ја изгради куќата, но ние требаше да најдеме градежни материјали, иако и тој помогна и во тоа – потенцира Станковски.

Освен тоа, почнале да се јавуваат и други луѓе со свои донации, финансиски средства од кои се купувале градежните материјали. Куќата почнала да се гради при крајот на минатата година, но поради потребата од повеќе донации, а и состојбата со пандемијата со корона вирусот, изградбата се одолговлекувала. Како што истакна Станковски, сега куќата е покриена, а отворите се затвораат.

– Сега се монтираат два ПВЦ-прозорци и се очекува донација за уште еден прозорец и влезната врата. На тој начин куќата ќе биде однадвор затворена – објасни Станковски.

Во моментов се поставува електриката, а се бара донација за водовод и за внатрешните градежни работи и уредување. Во меѓувреме, мајката и синот сè уште седат во старата куќа.

-Тешко е за кусо време да се изгради куќа, кога се нема доволно финансиски средства и кога зависиш од донации. Но, сепак се надевам дека во наредниот период тие ќе пристигнат и дека семејството во пресрет на зимата ќе биде во новиот дом – заклучи Станковски, изразувајќи посебна благодарност до сите кои донирале во претходниот период и се вложиле на кој било начин во исполнување на сонот на ова семејство.

Тој најави дека во наредниот период планираат да изградат и тоалет за семејство кое живее на патот за Китка во Драчево, кои до сега воопшто го немале. Станува збор за маж и жена кои се возрасни, а имаат кардиолошки проблеми. Освен тоа, тоалет ќе и се направи и на жена која сама живее во населбата Лисиче, бидејќи постојниот е во лоша состојба.

(А.П.)