„Постојаниот дијалог помеѓу физичката средина и човечката перцепција“ е констатација што сосема адекватно го објаснува пристапот на Владимирски кон обработката на пејзажот. Од Националната галерија на Македонија посочуваат дека, за него, пејзажот не е само сензација, доживување, замрзнување на еден миг туку е и живот, енергија, трансформација, постојана промена. Изложбата ќе биде отворена на 5 септември

Во Националната галерија „Даут-пашин амам“, на 5 септември во 20:00 часот, ќе биде отворена јубилејната изложба по повод 120 години од раѓањето на познатиот македонски уметник Томо Владимирски (1904-1971).

Македонскиот модернизам, чија основа ја поставија неколкумина претставници на првата, основоположничка генерација образовани македонски ликовни уметници, започнува да се следи од крајот на втората и третата деценија на минатиот век, преку активности и изложби што почнуваат да го носат „новиот“ модерен дух на развиените европски општества, имплементиран генерално низ активната соработка со северниот сосед. На таа генерација, предводена од Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Пандилов-Аврамовски, Димо Тодоровски, Вангел Коџоман и други, им се приклучил, со мало задоцнување, и Томо Владимирски.

„Од старо Скопје“, 1953,  масло на платно

„Неговиот мирен и ненаметлив карактер, умерен и посветен уметнички нерв, дисциплинираност и скромност, придонесуваат тој да остави своја автентична трага во историјата на македонскиот модернизам. Неговиот квалитетен уметнички сензибилитет е забележан и високо оценет од локалната, но и од меѓународната критичка фела. Во оваа пригода, по повод одбележување на јубилејот, одлучивме да дадеме акцент на неговиот вистински печат и препознатливост, оној сижеен корпус со кој оставил неизбришлива трага во македонската модерна основоположничка генерација, а тоа се пејзажот и неговиот специфичен македонски колорит“, велат од Националната галерија на Македонија.

Оттаму посочуваат дека „постојаниот дијалог помеѓу физичката средина и човечката перцепција“ е констатација што сосема адекватно го објаснува пристапот на Владимирски кон обработката на пејзажот. За него, пејзажот не е само сензација, доживување, замрзнување на еден миг туку е и живот, енергија, трансформација, постојанa промена.

Убавината на природата е во нејзините разновидни и различни форми. Ова им станува очигледно на оние што поседуваат способност да ја перципираат и да ја ценат формата како форма. Тие активно ги бараат, истражуваат, набљудуваат и ги толкуваат овие форми, што на крајот доведува до восхит и уживање.

Томо Владимирски (1904-1971)

„Следствено, Владимирски е исклучителен набљудувач и анализатор на природата, уметник што умее на виденото и регистрираното да му придодаде формално-естетска вредност и експресија на трансформација или драма во пејзажот, што останува забележано на површината од неговите платна. Моментот на одвојување од природата (иако бидувајќи во неа) за да се види нејзината целина или целисходноста на кадарот, е, всушност, клучниот момент, кој ја зголемува мајсторската вештина на Владимирски. Владимирски е поет на македонскиот пејзаж, сликар што умеел да ја преточи убавината на македонските предели во прекрасни дела. Истовремено, тие се и сведоштво за односот на човекот кон природата, кој забрзано се менува во современата констелација од развојот на нашата планета во кој доминира човекот – периодот наречен антропоцен. Со своето творештво, тој остави трајни вредности, кои се дел од националното културно богатство, како важен дел од развојот на македонскиот модернизам во ликовната уметност“, додаваат од Националната галерија.

Куратор на изложбата е Ана Франговска.