ЈП „Стипион“ урива стари куќи пред паѓање

87

Штипското јавно претпријатие „Стипион“ деновиве почна со уривање и расчитување на склонопадните куќи, кои ја загрозуваат безбедноста на граѓаните и на возачите. Директорот на ЈП „Стипион“, Сашко Протогеров, истакна дека по решение од градежен инспектор урнале склонопадна куќа во близина на црквата „Свети Илија“.

– По решение на овластениот градежен инспектор добивме решение за уривање на куќа на улица „Стојан Гогов“. Постапивме по решението и го урнавме објектот, а ќе извршиме и расчистување на теренот. Секогаш кога е во прашање безбедноста на граѓаните ние сме тука да интервенираме – вели Протогеров.

Вакви куќи во Штип има најмалку десетина и некои од нив, досега биле причина за блокада на улици поради паѓањето, но, за среќа, повредени немало. Нивниот број е најголем во населбата Ново Село и во централно градско подрачје.

Дел од старите куќи имаат сопственици и не се имот на општината, досега и покрај апелите никој од нив сам не си ги санирал или заштитил и покрај тоа што имаат законска обврска за тоа.