Кучето Црни што настрада во пожарот во Расадник е во стабилна состојба и ќе остане во стационарот на јавното претпријатие „Лајка“ сè додека не заздрави целосно.
Од „Лајка“ изразуваат огромна благодарност до сите хумани луѓе што дошле и донирале сè што е потребно за лекувањето на Црни, како и на другите негови пријатели во прифатилиштето, но и до оние што апелирале дека му е потребна помош и се грижат за него сите овие години.
– Уште еднаш покажавте емпатија и човечност, дарувавте на оние што единствено може да ви возвратат со љубов и со мавтање на опавчето – велат од „Лајка“.
Црни е кучето херој од пожарите што го зафатија Расадник, кое одбивајќи да ги напушти домот и пријателите, за жал, се здоби со повреди и изгореници на абдоменот и на шепите.
Според кажувањата на соседите, Црни упорно и, покрај нивното инсистирање да го задржат на безбедно, одел во опожарената област за да си ги заштити куќарките и пријателите со кои живее повеќе од една деценија.
Огромна благодарност до оние што апелираа дека му е повеќе од потребна помош и се грижат за него сите овие години.