„Јон Вардар против галаксијата“, првиот македонски долгометражен анимиран филм, беше прикажан во Бразил, на 48. издание на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Сао Паоло. Филмот во режија на Гоце Цветановски е дел од компетитивната програма во секцијата „Нови режисери“ и има четири проекции во рамките на фестивалот, кој годинава ги вклучи во својата програма и победниците од Кан, Берлинале, Венеција, Сан Себастијан. Фестивалот се одржува од 17 до 30 октомври.

Режисерот Цветановски изјави во Бразил дека Сао Паоло има посебна енергија и дека е милионски град со вибрантна културна сцена и со развиена почит кон уметноста.

„Самата номинација за најдобар филм и за најдобар нов режисер е признание со кое се гордее целиот тим. Бразил е земја што одамна сонував да ја посетам и се надевам дека ова е само прво од моите идни патешествија во Јужна Америка“, рече Цветановски.

„Јон Вардар против галаксијата“ е изработен со финансиска поддршка од македонската Агенција за филм, во копродукција со Унгарија, Бугарија и со Хрватска. Се работи за хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и за многу, многу, мнооооогу вонземјани, кои се на мисија да ја спасат галаксијата од себеси. Арт-директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Гласовите за главните ликови ги позајмуваат: Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска.