Српскиот центар и член на Денвер, Никола Јокиќ (23), на мечот против Мајами го оствари својот 20 трипл – дабл учинок во кариерата и застана рамо до рамо со легендите на кошаркарската игра Оскар Робертсон и Меџик Џонсон. Тој воедно стана третиот најмлад кошаркар во историјата на НБА лигата кој зад своето име има запишано 20 и повеќе трипл – дабл учиноци.
Помлади од него до овој успех стигнаа само Џонсон и Робертсон, кои имале по 22 години. Некогашниот кошаркар на Мега Бемакс од 2014 година е член на Денвер, за кого потпиша петгодишен договор вреден 146 милиони долари. Српскиот центар во својата четврта НБА сезона бележи просек од 18 поени, 10 скока и 7,4 асистенции.