Професорот д-р Јовев, кој доби поддршка од неговите вработени, од тимот за трансплантација, пациентите на кои им го спасил животот, но и од пошироката јавност, вели дека што и да се случи ќе продолжи да ги оперира пациентите сè додека има материјали на клиниката. -Но со оглед на тоа дека не можам да потпишувам, во одреден момент ќе останеме и без материјали – вели Јовев. Министерот за здравство Фатмир Меџити не ја повлекува одлуката за неговото разрешување и го повика професорот Сашко Јовев да му биде советник во Кабинетот, како национален координатор за кардиохирургија
Разрешувањето на директорот на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, професорот д-р Сашко Јовев, кој ја предводеше првата трансплантација на срце во земјава, по која следуваа уште седум интервенции и натаму ја бранува јавноста. Професорот д-р Јовев доби поддршка од неговите вработени, од тимот за трансплантација, од пациентите на кои им го спасил животот, но и од пошироката јавност.
-Што и да се случи јас ќе продолжам да работам, пациентите ќе бидат оперирани, сè додека има материјали. Но со оглед на тоа дека не можам да потпишувам, во одреден момент ќе останеме и без материјали – вели Јовев.
Министерот за здравство Фатмир Меџити не ја повлекува одлуката за неговата смена од директорската функција, посочувајќи дека биле утврдени нерегуларности во работењето и порача дека нема да се толерираат злоупотреби додека е тој министер. Според него стручната комисија утврдила дека дежурствата на клиниката се без министерска согласност што, посочи дека е спротивно на Законот за здравствена заштита.
Д-р Јовев пак, тврди дека немало нерегуларности во работењето на Клиниката и повика да се преиспита одлуката за негово разрешување. Тој објасни дека како клиника работат 24/7 и дежурства мора да има, операциите не може да се одложуваат, а пациентите кои се животно загрозени треба итно да се оперираат.
Иако го разреши, министерот Меџити денеска го повика професорот Јовев да биде советник во министерскиот Кабинет. Му понуди функција национален координатор за кардиохирургија, со што, според министерот, ќе може да ги подобри резултатите во трансплантацијата. Појасни дека со д-р Јовев е пријател, го цени како стручњак, па тврди дека за неговото разрешување нема политичка или друга заднина.
-Со ребалансот на буџетот сум подготвен да побарам да се зголеми буџетот за трансплантација со цел Клиниката за кардиохирургија и програмата за трансплантација да функционираат подобро и да ги зголемиме позитивните резултати, додаде министерот и дополни дека д-р Јовев останува да работи на Клиниката, да оперира и да им се посвети на пациентите.
Меџити не сакаше да обелодени кој ќе седне на директорското столче на Кардиохирургија, посочувајќи дека овие обврски во меѓувреме ќе ги врши организацискиот директор, иако и за неговото работење се прави инспекциски надзор, за кој што вели дека деновиве ќе излезат со детали.
-Професорот Јовев ќе продолжи со работа како здравствен работник и ќе биде ослободен од административни обврски, ќе има повеќе време за пациентите – кажа Меџити.
Според него досега се сменето околу 20 медицински директори, организациски, а некои од нив самите доставиле оставка. Прашан за неговата заменичка, д-р Маја Манолева, која не се согласувала со одлуката на министерот за смена на Јовев, Меџити рече дека нема да коментира изјави на други лица.
Комисијата за стручен надзор, која е формирана во Министерството за здравство на 26 мај годинава, ја контролирала работата на Кардиохирургијата. Таа го подготвила извештајот во кои стои дека за 2022 година и првите два месеци од 2023 година, немало министерска согласност за дежурства на медицинскиот персонал на Државната клиника,а немало ниту електронска евиденција кој кога стигнува на работното место. Оваа комисија во моментов ја чешла документацијата и на уште неколку скопски клиники.
Јовев е разочаран и вели дека само успехот во Македонија не се простува, посочувајќи дека во оваа земја сè уште има и ќе има одлични доктори, кои ја сакаат својата земја и ќе работат неуморно за своите сограѓани. Тој за системот на контрола кажа дека кратко не работи и е во фаза на поправка. „Ве молам да не ги бркаме и разочаруваме младите колеги“, нагласи Јовев, барајќи правдата да победи и дополни дека тимот што реди успеси и победи не треба да се менува.
Тој како врвен светски стручњак имал понуди за работа и на други места, но секогаш приоритет му била Државната кардиохирургија и неговиот тим од кој има несебична поддршка. За решението за неговата оставка вели дека сè уште е во архива, не е потпишана.
Професорот Јовев потсети дека деновиве на Клиниката е отворена нова хибридна сала, со која треба да се гордееме оти со неа сме регионален центар за Кардиохирургија.
-Оваа сала дава вонтелесна поддршка до 3 месеци на пациенти кои немаат срце, бели дробови и чекаат трансплантација. Министерот не дојде на отворањето, не знам од која причина. Хибридната сала е донација од Светска банка, но министерот веројатно сметаше дека можеби поканата е доцна пратена – вели Јовев.
Во поддршка на професорот Јовев застана адвокатот Мите Михајловски изјави дека решението е навистина „навреда за здравјето на сите нас“.
– Во решението стои дека за 2022 година има исплатни листи за дежурства, а дежурството не го одобрил министерот за здравство. Замислете некој доаѓа со итна потреба на клиниката, да му рече портирот, „извинете, немаме согласност од министерот, дојдете утре“. Само тоа е причината, само дежурството. Вчера чувме на телевизија дека којзнае какви злоупотреби имало од страна на професорот Јовев. Значи, единствена причина е дежурството. Јас како правник поставувам прашање – како може оваа клиника да нема дежурство? Не може. Значи, злоупотреба е од министерот ако не дал согласност да се организира дежурството. Така што, апсолутно нема никаква причина за разрешување и ова од далеку се гледа дека нема повреда, туку е друго нешто во задина, додаде Михајловски.
Прашан дали ќе поведе постапка, Михајловски одговори потврдно и најави тужба.
Инаку, разрешувањето д-р Јовев, излезе од рамките на аргументирана и законски основана постапка. Во тоа нè увери лично лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, партијата на чиј предлог Фатмир Меџити стана министер за здравство. Тој во гостување на ТВ „Канал 5“ ги откри најгрдите практики на вонинституционалниот третман на кадровски прашања, во случајов во здравството. Иако Таравари повика за разрешувањето да се слушне лично на брифингот на министерот за здравство, истовремено откри дека лично е добро запознат со причините за разрешувањето.
-Ако има злоупотреби во работењето, слушнете го министерот, а јас мислам дека има одредени злоупотреби, кои мене ме фрапираа кога ги слушнав, кога ми ги кажа министерот“, рече Таравари. Тоа упатува на мешање на партискиот лидер во работи на други институции. Всушност, тој само ја потврди досегашната практика на политичките партии да се мешаат во кадровските политики, во случајов во здравството.
Доктор Сашко Јовев по успесите што ги направи во сверата на трансплантацијата на срце во Македонија, но и бројни други успеси и спасување на човечки животи низ неговата успешна 35 годишна специјалистичка кариера во 2022 година ја доби и државната награда „Св. Климент Охридски“ . Награден е и како дел од тмиот кои што ја добија „13 Ноември“ на Град Скопје за првата трансплантација на срце,а се закити и со наградата за животно дело „Гемиџиите“.
(В.Ма.)