Старата македонска народна песна поинаку испеана! Боби Андонов е македонски пејач, текстописец и продуцент, роден e во далечниот Мелбурн, Австралија, а по потекло е од Струмица. Сега живее и работи во Лос Анџелес. Многу е горд на своето македонско потекло. Тој од големата љубов и приврзаноста кон Македонија објави своја интересна верзија на далеку прочуената народна песна „Јовано, Јованке“, за која миксот и мастерингот го изработи нашиот познат продуцент Јован Јованов, кој сега живее во Канада.
Инаку, нашата публика го памети Боби по настапот на Детската евровизија во 2008 година, кога ја претставуваше Македонија. Во конкуренција од 15 земји Боби се пласираше на високото петто место со песната „Прати ми СМС“.
-Сега снимив позната македонска песна во новата поинаква верзија. Со тоа на сите мои македонски фанови им се заблагодарувам за сета љубов и поддршка што ми ја даваат овие години, објасни распеаниот Андонов. Д.М.