Писатели, издавачи, уредници од регионот и пошироко ќе бидат гости на деветото издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“, што ќе се одржи од 19 до 22 септември во Скопје. На годинашниот лауреат Мирча Картареску, на фестивалот ќе му се придружат писателите: Јоана Николае, Анте Томиќ, Миљенко Јерговиќ, Оливера Ќорвезироска, Гојко Божовиќ и Калин Терзиски. Нивното творештво ќе биде промовирано на отворањето на 19 септември, во Даут-пашиниот амам.

Лауреатот Картареску е еден од најважните прозни автори, на самиот врв на европската литература. Најважните светски медиуми го сместуваат заедно со Исмаил Кадаре, Олга Токарчук…, а неговите книги може да се најдат на главните полици во книжарниците во САД, Франција, Шпанија, Италија…

Јоана Николае е авторка на повеќе прозни и поетски книги, за кои освоила бројни награди во Романија, но и низ Европа. Таа е добитник на наградата за проза доделена од списанието Атенеу, „Книга на годината за 2018“ на натпреварот „Читателот знае најдобро“ и „Книгата на Регина“, победник на Романското радио за Културна награда за проза, Набљудувачка културна награда и други.

Анте Томиќ е познат хрватски писател, кој работи како новинар за „Јутарњи Лист“, а неговите саботни колумни се омилено четиво за сите оние што сакаат да се насмеат дури и кога ситуацијата во земјата е лоша. Како писател досега има напишано четири романи. Во 2005 година, Хрвоје Хрибар го сними филмот „Што е маж без мустаќи“ врз основа на неговиот прв роман, а една година подоцна Рајко Грлиќ го сними филмот „Караула“ базиран на неговата книга „Ништо не треба да нè изненади“. Со Грлиќ соработуваа и на сценариото за наградуваниот филм „Устав на Република Хрватска“, со Небојша Глоговац во главната улога. Филмот ќе биде прикажан во Кинотека на 20 септември.

Миљенко Јерговиќ е еден од најзначајните писатели во регионот на поранешна Југославија. Автор е на повеќе од 30 романи, збирки раскази и поетски изданија. Добитник е на голем број национални и меѓународни книжевни награди. Тој важи за најчитаниот автор во регионот.

Оливера Ќорвезироска е застапена во 20-ина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на англиски, француски, унгарски, албански, чешки, српски, словенечки, полски, руски, германски и грчки јазик. Повеќекратен добитник е на значајни награди за расказ и проза.

Калин Терзиски има издадено 23 книги – 6 новели, 12 збирки со куси раскази и 5 поетски збирки. Освоил: Награда за најпродавана книга во Бугарија – за новелата Алкохол – 2010, Награда за литература од Европската Унија – 2011 за кусите приказни „Дали има некој за да те сака“. Златно перо – Награда за придонес во бугарската култура – 2013.

Гојко Божовиќ е повеќекратно наградуван поет, есеист, литературен критичар, уредник и издавач. Три книги песни и една со есеи од Божовиќ се издадени на македонски јазик. Тој е основач и одговорен уредник на издавачката куќа „Архипелаг“ (Белград 2007) и Белградскиот фестивал на европската литература (Белград 2012). Потпретседател е на српскиот ПЕН центар.

Божовиќ заедно со хрватската издавачка и литературен агент Диана Матулиќ и словенечкиот писател и уредник Андреј Хочевар, ќе бидат дел од Скопје фелоушип програмата. На вториот фестивалски ден, на 20 септември, тие ќе учествуваат на тркалезна маса на темата „Литературата во време на пост-вистината“ во Europe House Скопје. Ќе следува средба на членовите на оваа програма со претставници на Македонска асоцијација на издавачи.

На третата вечер ќе биде доделена наградата Прозарт на лауреатот Картареску, а секој автор ќе прочита извадоци од своите дела.

На 22 септември ќе се одржи дополнителна програма – „Александар Прокопиев за Гојко Божовиќ & Божовиќ и Прокопиев за Данило Киш“ во книжарница „Буква“.

Поддржувачи на фестивалот се: „Традуки“, Министерството за култура, Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Град Скопjе, амбасадата на Романија, Спона, Кинотека.

Организатор на фестивалот е издавачката куќа „Прозарт медиа“.

Фестивалот ќе се одржи во Даут-пашин амам, Кинотека, Europe House Skopje и во „Буква“.