Јаловината од рудникот во Лојане и натаму опасна по живот

19

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) изврши контролен увид на локацијата кај железничката станица Табановце, Кумановско.

– Отпадната јаловина од затворениот рудник за хром и антимон во Лојане претставува повеќе децениски проблем за жителите од Лојане, како и за жителите на кумановското село Табановце и поширокиот регион во северниот дел на државата. Отпадната јаловина содржи висока концентрација на арсен и претставува голема опасност за здравјето на луѓето и животната средина. Депонираната јаловина се наоѓа на местото на некогашната топилница за руда до железничката станица Табановце, која е затворена во седумдесетите години на минатиот век – потенцираат од ДИЖС.

Поради влијанието врз животната средина, почва, вода и непријатна миризба во воздухот, ДИЖС ќе достави допис до Министерството за животна средина за отпочнување активности за расчистување на отпадната јаловина.