ЈАГИ СТИГНА ВО ВИЕТНАМ: Супертајфунот усмрти жена во Ханој

146

Супертајфунот Јаги денеска удри на копно во северен Виетнам, при што властите ги евакуираа ранливите заедници и наредија затворање на аеродромите.

Јаги ги погоди виетнамските крајбрежни провинции Куанг Нин и Хаи Фонг со ветрови до 149 километри на час, објавија државните медиуми.

Според извештаите, пред да удри тајфунот, силен ветер соборил дрво, убивајќи една жена во главниот град Ханој.

Тајфунот предизвика и прекин на електричната енергија во големи делови од провинциите Куанг Нин и Тај Бин, пренесува АП. Владата претходно издаде неколку предупредувања, а оние на кои им се заканува поплави или свлечишта се евакуирани.

Затворени се четири аеродроми, вклучувајќи ги Ханој и Хаифонг.

Во Куанг Нин се наоѓа заливот Ха Лонг, кој е под заштита на УНЕСКО, познат по многуте високи варовнички острови, а стотици патувања до заливот беа откажани пред да го погоди тајфунот. Јаги, опишан од виетнамските метеоролошки власти како „еден од најсилните тајфуни во регионот во изминатата деценија“, стигна до југоисточна азиска земја откако невремето остави две лица загинати во Кина, а стотици беа повредени.