Мислам дека Олимписките игри за мене завршија, напиша американскиот спринтер Ноа Лајлс (27) на социјалните мрежи, откако откри дека боледува од корона, набргу по освојувањето на бронзата на 200 метри.
– Ова не се Олимписките игри за кои сонував, но ми го исполнија срцето со радост – продолжи трикратниот светски шампион на 100, 200 и на 4х100 метри.
По две индивидуални трки на кои освои злато на 100 метри, а потоа и бронза на 200 метри, се очекуваше да се натпреварува и на 4х100 метри.
– Се надевам дека уживаа сите, без разлика дали беа за или против мене – додаде Лајлс.
Кени Беднарек, сребрениот медалист на 200 метри и член на штафетата на САД, претходно, на прес-конференција, рече:
– Ако не може да трча, ќе мораме да го составиме најдобриот можен тим. Двајцата момци што трчаа на трките во четвртокот, се мои партнери за обука. И ако едните или другите се таму, во финалето, со односот што го имаме, мислам дека сè уште можеме да ја завршиме работата.
Лајлс, големиот фаворит на 200 метри, дисциплината во која е актуелен светски првак, ја освои бронзата. Тој беше видно ослабен и ја напушти патеката во инвалидска количка. По трката, објасни дека бил позитивен на тестот за ковид во вторникот изутрина, ден пред полуфиналето.
– Брзо ме ставија во карантин, во близина на Олимпиското село и се обидов да го земам лекот што ми е дозволен. Ми рекоа дека е можно, па само се држев настрана од другите, по кривината – им објасни тој на новинарите.