Ѓубрето од индивидуалните домаќинства ќе се собира еднаш неделно

106

Жители на Водно се жалат дека од минатата недела стои ѓубре на дел од улицата „Салвадор Аљенде“ и улицата „Славејко Арсов “. Велат дека мачки и кучиња скитници го разнесуваат ѓубрето по улиците.

– Ваква слика имаме од минатата недела. Ѓубраџиите досега поминуваа секоја среда и сабота и го собираа, но оваа сабота не дојдоа и се насобра доста ѓубре и ова е ризик по здравјето на луѓето – ни рече еден жител од оваа населба.

Портпаролката на ЈП „Комунална хигиена“, Ана Марија Бранѓолица не информира дека од викендов што помина почнале со нова динамика на собирање и транспортирање на комуналниот отпад од кантите на индивидуалните домаќинства и дека за тоа се известени сите градоначалници на скопските општини. Вели дека поради вонредните мерки што ги реализира ЈП„Коминална хигиена“ и заради воведувањето на полицискиот час, се скратени деновите за собирањееи транспортирање на комуналниот орпад од домаќинствата.

– Додека траат посебните мерки воведени од страна на Владата, собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад од кантите во индивидуалните домаќинства ќе се одвива еднаш во неделата, според утврдениот распоред по општини, но со оглед на новите мерки што Владата ги донесе во понеделникот, можно е да има измена и во оваа динамика –  објасни Бранѓолица.

Па така, во општините Ѓорче Петров, Центар, Кисела Вода и Аеродром отпадот ќе се собира само во понеделник, вторник и среда, од 7 до 14 часот. На пример, доколку досега отпадот се собирал во понеделник и во четврток, отсега ќе се собира само во понеделник, доколку се собирал во вторник и петок, отсега ќе се собира само во вторник и доколку се собирал во среда и сабота, отсега ќе се собира само во среда.

Во општините Чаир, Бутел, Шуто Оризари, Карпош и Гази Баба, отпадот ќе се собира само во четврток, петок и сабота, од 7 до 14 часот. На пример, доколку досега отпадот се собирал во четврток и во понеделник, отсега ќе се собира само во четврток, доколку се собирал во петок и вторник, отсега ќе се собира само во петок и доколку се собирал во сабота и среда, отсега ќе се собира само во сабота.

– Апелираме до граѓаните својот комунален отпад да го одлагаат уредно спакуван, додека отпадот од лицата што се наоѓаат во самоизолација или во карантин, како и употребените заштитни маски и ракавици, треба бидат одложени спакувани во двојни кеси наполнети најмногу до две третини од нивниот капацитет, во согласност со  препораките на МЖСПП – потсетува Бранѓолица.

Во понеделникот непознати лица исфрлиле огромен број документи на главната улица во Ѓорче Петров. Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ веднаш интервенираа на терен и ги подигнаа  расфрланите отпадоци што ќе бидат доставени до Инспекторатот на Градот Скопје, со цел навремено да се откријат и санкционираат прекршителите на Законот за јавна чистота.

 (С.Бл.)