Ракометарот на скопски „Бутел“, хрватскиот интернационалец Денис Тот, кој минатиот четврток беше нападнат од три лица, по што почина на КАРИЛ во Скопје, утре ќе биде погребан во родното Ѓаково.
Нејаснотиите што се појавија првиот ден околу смртта на ракометарот го предизвикаа вниманието на јавноста. Јавниот обвинител Гаврил Бубевски, во изјава за хрватската телевизија РТЛ изјави дека не постоеле намери за прикривање на случајот.
-Мислам дека воопшто немаше намера сè да се прикрие. Само сплет на околности. Мислам дека тоа беше лоша лекарска проценка и стојам на тоа – изјави Бубевски додавајќи дека според неговите информации`се уште се трага по човекот кој го започнал инцидентот.
Истрагата за случајот доведе до три лица кои се сомничат за смртта на Тот, од кои двајца од осомничените А.К. (22) и К. Л. (19) се во притвор во затворот во Шутка, а за првосомничениот А.Ѓ. (28) кој е во бегство распишана е потерница за негово приведување.
Првоосомничениот А.Ѓ. по кој полицијата трага и за кого е распишана потерница, како што објавија одредени медиуми, се работи за лице кое претходно е осудувано за производство на дрога во Република Словенија.
Имено, во 2016 година А.Ѓ., кој е роден во Словенија, предизвикал сообраќајна незгода во центарот на Марибор и избегал од местото на настанот. Откако полицијата го пронашла во куќа, била пронајдена и мини фабрика за синтетички дроги. Меѓу другото имало амфетамини, марихуана како и ГБХ (гама-хидроксибутират) кој спаѓа во категорија на депресори на нервниот систем или средство за успивање и позната како дрога за „за засилување на забави”, објави мариборски „Вечер“.