Штрајкувачите од Матично од понеделник на улица ако до утре не им се прифати колективниот договор

415

Вработените во Управата за водење матични книги најавуваат дека од понеделник ќе ги радикализираат протестите со излегување на улица, доколку до утре не добијат одговор од Министерството за финансии за понудениот колективен договор.

Според најавите од независниот синдикат на вработените во Управата, заедно со други синдикати ќе протестираат пред Министерството за финансии и пред други министерства сè до исполнување на барањата.

-Штрајкот продолжува до потпишување на поединечен колективен договор на ниво на работодавач. На 12 мај имавме работна средба со УВМК и Министерството за правда, при што заеднички направивме усогласена верзија на колективниот договор. Беше доставена до Министерството за финансии, од каде што до денес немаме добиено одговор. Ако до петок не добиеме позитивен одговор, планираме заедно со други синдикати да го радикализираме штрајкот. Тоа значи дека од понеделник ќе протестираме и пред Министерството за финансии и други министерства, рече претседателот на независниот синдикат на вработените во Управата за водење матични книги, Тони Милошевски.

Штрајкот на вработените во матично почна на 27 април и трае континуирано. Синдикатот имаше еден обид за протест пред Министерството за правда, но се одѕваа сосема мал број вработени. Минатата недела на средба со министерот за правда постигнаа компромис околу барањата за зголемување на платите, потпишување колективен договор и признавање на професионалните звања, но веќе една недела се чека одговор од Министерството за финансии. Од Министерството за правда тогаш забележаа дека додека штрајкуваат, дел од вработените воопшто не доаѓаат на работа.

Поради штрајкот веќе четири недели не се примаат барања за издавање изводи за родени, умрени и венчани, не се закажуваат венчавки, а од Матично може да се подигне само документ за починати и болни лица кои треба да се пренесат во странство или да се вратат во земјата.

Инаку, Управата за водење матични книги е институцијата на чие работење најмногу се жалат граѓаните. Државниот завод за ревизија во својата последна контрола на работењето на Управата, меѓу другото, констатира дека вработените за една година издале близу 22.000 изводи со погрешни податоци.

(С.В.)