Што ќе ни порача Урсула јавно, а што зад затворени врати?!

109

 

 

 Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен попладнево пристигнува во официјална посета на земјава, од каде ја започнува  четиридневната турнеја низ Западен Балкан. Според вицепремиерот Бојан  Маричиќ, се очекува таа да ги најави извештаите на ЕК за напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ, чие објавување е предвидено за 8 ноември, како и да ги презентира основните црти на Планот за раст на Западниот Балкан, што би требало да биде објавен до крајот на оваа година. „Конкретно за нас, ќе ги повтори пораките дека мора да се донесат уставните измени и да се продолжи со реформите како досега, но и да се зајакне борбата против корупцијата и организираниот криминал, вели Димитар Николовски од Евротинк.

 

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен попладнево пристигнува во официјална посета на земјава, од каде ја започнува четиридневната турнеја низ Западен Балкан.

Фон дер Лајен, според најавата на делегацијата на ЕУ во земјава, прва средба ќе оствари  со претседателот на државата Стево Пендаровски, додека утре е предвидена средба со премиерот Димитар Ковачевски. По заедничката прес-конференција во Владата, Фон дер Лајен и Ковачевски ќе посетат фабрика за преработка на овошје и зеленчук во близина на Скопје, која е корисник на средства од ИПАРД програмата финансирана од ЕУ. Фон дер Лајен од Скопје, ќе отпатува за Приштина, а потоа ќе ги посети Подгорица, Белград и Сараево. Посетата, како што е најавено, Фон дер Лајен ќе ја искористи да разговара за билатералната соработка со регионалните лидери и за подетално да им го претстави Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.

Претседателката на ЕК, како што изјави за МИА вицепремиерот Бојан Маричиќ на крајот на работната посета на Брисел, доаѓа во Скопје за да разговара за потребните и неопходните реформи и за дополнителните средства што треба да ги добие земјава како помош од ЕУ и мотивација за реформите, како и за обврски што ни преостануваат, за да се комплетираме оваа фаза на пристапувањето и да се премине во втората, односно отворање на кластерот и со тоа да се најави и крајот на скринингот.

Според Маричиќ, се очекува таа да ги најави извештаите на ЕК за напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ, чие објавување е предвидено за 8 ноември, како и да ги презентира основните црти на Планот за раст на Западниот Балкан, што би требало да биде објавен до крајот на оваа година.

Шефицата на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен, според  првиот човек на Евротинк, Димитар Николовски  во Скопје, ќе сподели детали од намерите на Брисел за реформа на Унијата, вклучително и за забрзувањето на процесот на проширувањето.  Сепак, според него, Фон дер Лејен во земјава ќе испрати и порака за усвојување на уставните измени, што би овозможило непречено закажување на Втората меѓувладина конференција и отворање на преговарачките поглавја за Македонија.

„Конкретно за нас, ќе ги повтори пораките дека мора да се донесат уставните измени и да се продолжи со реформите како досега, но и да се зајакне борбата против корупцијата и организираниот криминал. Мислам дека самата посета на Фон дер Лејен нема да произведе некакви промени овде во ставовите на политичките партии околу уставните измени“, вели  Димитар Николовски – Евротинк, објави Алсат.

Фон дер Лајен не е предвидено да се сретне со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, кој пред нејзиното пристигнување во Македонија  ја повика да овозможи безусловен старт на пристапните преговори за членство.

„Очекувам претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен да излезе со позиција дека Македонија ќе добие безусловен почеток на преговорите со ЕУ, иако сум свесен за многу недостатоци кои што ги имаме на домашен план, поради неработењето на корумпираната Влада на СДСМ и ДУИ“, вели Мицкоски.

Од Демократскиот сојуз, пак,  денеска преку соопштение порачаа дека  очекуваат претставници на Владата и претседателот на државата, да инсистираат Македонија да ги почне преговорите со ЕУ без какви било условувања и барања кои не се дел од Копенхашките критериуми. „Македонија од 2006 година направи повеќе непринципиелни отстапки, промена на знамето, Уставот и името на државата, со кои се загрозуваат нашите идентитетски вредности. Европската унија до крајот на оваа година, треба да ги отвори преговарачките кластери, пристапните фондови и Македонија да ја стави на брза лента за полноправно членство. ЕУ тоа им го должи на граѓаните. Претседателот на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лајен, треба да се заложи Советот на ЕУ да донесе одлука, историските, образовните и идентитетските прашања да не можат да бидат основа за блокирање на евроинтеграциите на Македонија, велат од Демократски сојуз. (В.М.Б.)