Што му нуди Заев на Мицкоски за двотретинско мнозинство?!

92

И по половина година во собраниска процедура, законот за Јавно обвинителство  и понатаму е заглавен во партиските ровови. Нова шанса за поместување од зацементираните ставови власта и опозицијата си дадоа уште еднаш, на средба која треба да се одржи до крајот на неделава.

-Во вторникот имаше координативен состанок на два члена од двете групи, од владејачката и онаа на опозицијата, за динамиката за законот за Јавно обвинителство, кој како предлог ни беше доставен пред неколку дена. И договорено е да имаме средба на двете работни групи, секоја група со свои забелешки и аргументи, најдоцна до крајот на оваа недела, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Тој изрази надеж дека на таа средба ќе има размена на аргументи на конструктивен начин што, како што рече, ќе можат да ги приближат ставовите за еден усогласен, согласно венецијанските стандарди на комисијата, законски текст кој би можеле да го усвоиме со поширок консензус.

Одговарајќи на новинарско прашање, Милошоски рече дека на самата работна средба што би ја имале со колегите од владејачката коалиција, со нивниот правен тим, би ги изложиле своите забелешки, аргументи или одредени аномалии со кои сметаме дека текстот може да се подобри.

Како една од забелешките во предложениот текст, Милошоски го посочи механизмот споменат во преодните и завршни одредби кој, како што рече, прејудицира вдомување на досегашните обвинители од тимот на Катица Јанева во обвинителството на сегашната обвинителка Вилма Рускоска.

„Ние сметаме дека контроверзите што ги следеа овие обвинители и ова обвинителство, особено противзаконското земање високи хонорари спротивно на Законот за обвинителска служба и Законот за плати на обвинители, не би требало да им даде повластен третман за таква една привилегија“, рече Милошоски.

Шансите дали ќе се донесе или не законот за Јавно обвинителство зависи од вистинската волја на ВМРО-ДПМНЕ, да ги стави интересите за евроинтеграција пред интересите на одредени нивни партиски членови за кои се водат постапки сега од редовното обвинителство, изјави министерката за правда Рената Дескоска.

На новинарско прашање дали има опција законот да се донесе без ВМРО-ДПМНЕ, министерката Дескоска рече дека и тоа не е исклучено.

-За законот очекувам поддршка од сите пратеници и добро би било сите кои се декларираат за евроинтеграција на нашата држава да го поддржат законот, така што оти и таа опција не е исклучена, рече Дескоска.

Ние влегуваме, рече министерката, со искрена и добра волја да се донесе тој закон и целиот период истакнувавме и држиме до тој став дека законот што ќе се донесе треба да ги имплементира меѓународните стандарди и да не овозможи амнестија на било какво кривично дело кое се гони во моментот или е во фаза на истрага или пред истрага.

-Она што го слушам како најави од страна на ВМРО-ДПМНЕ за одредени забелешки, ако се остане навистина на тоа што е, може да дојдеме до договор. Но, јас не можам да прејудицирам сè додека не ги видиме написмено нивните ставови и забелешки, бидејќи честопати она што декларативно го кажуваат и она што ќе го напишат како конкретен амандман се разликува и честопати во тие амандмани се кријат одредени задни намери особено за случаите на СЈО, нагласи Дескоска.

Според неа, евентуално нивните намери во тој дел би се движеле околу предметите на Јавното обвинителство и основите за разрешување на обвинителите. Целта на овој предлог, како што нагласи министерката за правда, беше и е да се создаде капацитетно обвинителство за организиран криминал што ќе ги има сите предуслови, вклучувајќи ги човечките капацитети да ги преземе зголемените надлежности кои ги има според овој закон.