Штипски „Гласен текстилец“ ја подготвува „Текстилијадата“

105

Штипското здружение „Гласен текстилец“ се подготвува за третата „Текстилијада“. Кристина Ампева од  невладината организација „Гласен текстилец“, за МИА вели дека годинава централна тема  е „Позитивни примери од регионот – синдикати, организации и институции здружени за подобри работнички права”.

–Истиот настан има за цел преку културата и уметноста да ја отвориме темата на локално и национално ниво, за склучување на партнерства за започнување на социјален дијалог за горливите теми кои не засегаат сите, најмногу младите и работниците. Настаните од социјален и уметнички карактер имаат за цел да поттикнат млади и работници да се вклучат во процесите на одлучување. Преку настаните да им се прикаже на јавноста за потребата од поддршка за подобрување на правата на работниците – вели Ампева.

Таа забележува дека некогаш работниците биле во центарот на културните случувања, а сега се оставени на маргините, културно и социјално отсечени. Овој настан има за цел да ја врати културата и уметноста помеѓу работниците.

–Оваа година настанот е осмислен да се прикажат позитивните примери на граѓанските организации од регионот и државите Косово, Албанија и Србија кои започнале процес на соработка заедно со тамошните синдикати и институции. Воедно, имаме регионален проблем со слабата синдикализација на работниците и непочитување на работничките права поради, како што велат работниците во нашата земја, изгубената доверба во зборот и институцијата синдикат и нивната функционалност- изјави Ампова.

Гости на овогодишната „Текстилијада“ ќе  бидат шведските синдикати кои ќе дадат примери и искуства како да се овозможи вистинска заштита на работничките права на нивните работни места преку синдикално организирање на вработените. Најавено е дека на „Текстилијада“ ќе присуствуваат и Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, претставници од Државен инспекторат за труд, претседателот на Организација на работодавачи Ангел Димитров, Хелсиншки комитет за човекови права, синдикати од земјава и регионот, партнерите од синдикатот Ханделс од Шведска.

„Текстилијадата“ ќе се одржи од 11 до 13 октомври, а веќе се подготвуваат низа на активности, како што е стрип-изложба, филмска вечер, работилница за синдикално организирање, литературен конкурс, изложба на слики.