Шкотска на мегдан против освежената Германија

160

Со натпреварот помеѓу домаќинот, селекцијата на Германија и репрезентација на Шкотска, и официјално ќе биде означен стартот на 17-то Европско фудбалско првенство. За жал, Македонија нема да биде дел од завршниот турнир кој без дилема ќе понуди многу прекрасни натпревари, драма до последниот судиски свиреж, насмевки, но и многу солзи.

„Алијанц арена“ во Минхен сигурно ќе биде претесна за да ги нагости сите тие кои сакаат да бидат дел од првиот официјален натпревар на ЕП 2024 кој според стручњаците и обложувалниците треба да заврши со триумф на популарниот „Елф“.

Нема дилема дека Германија е голем фаворит, не само во групната фаза, туку и за драгоцениот пехар, но никако не смееме да го игнорираме фактот дека Шкотска одигра одлично во квалификациите и заврши зад фаворизираната селекција на Шпанија.

-Мислам дека ние имаме нормална амбиција: сакаме да победиме, како и на сите претходни турнири. Можеби не е добро да даваме вакви изјави, дека ќе бидеме нови европски шампиони. Верувам дека идентично размислуваат и останатите репрезентации кои се дел од ЕП 2024. Јасно ни е дека ќе мора да се вклопат многу работи за да победиме, но истото важи и за останатите репрезентации, изјави селекторот на Германија.

Неговиот колега од спротивната страна, Стив Кларк, пак изјави дека на Шкотска и се потребни најмалку четири бода во групната фаза.

-Минимумот, мислам за секој турнир, е да се освојат четири бода. Мислам дека толку се доволни за да се пласирате во следната елиминациска рунда. Секогаш е така. Има и друга опција, да освоите три бода и да не примите ниту еден гол. Сепак тоа за мене е илузија и не смееме да спиеме на тоа уво, изјави Кларк.

МОЖНИ СОСТАВИ: Германија: Ноер, Кимих, Тах, Рудигер, Мителштад, Андрих, Крос, Мусијала, Гундоган, Вирц, Хаверц. Шкотска: Ган, Хендри, Ханли, Тирни, Ралстон, Гилмор, Мекгрегор, Робертсон, Мектоминеи, Мекгин, Адамс.