Шилегов: Ќе има одговорност за ова лудило  

1185

Деновиве, скопскиот градоначалник Петре Шилегов најавува дека сериозно ќе се зафати со решавање на спомениците од проектот „Скопје 2014“. Тој денеска и на својата фејбук-страница напиша дека штетите од невремето од кое настрадаа повеќе фасади на згради од проектот „Скопје 2014“, се причина повеќе за оние кои се сомневалe дали треба да се реши „Скопје 2014“.

– Да се разбереме. „Скопје 2014“ мора да се реши. Сега и веднаш. Најбрутално. На истиот начин на кој го силуваа нашиот град. Почнуваме после изборите. И да, конечно ќе има одговорност за ова лудило – пишува Шилегов.

Запрашан зошто токму сега тоа го прави, Шилегов одговори дека има моменти врзани со проектот „Скопје 2014“ кои во последно време ги става во фокусот на јавноста. Според него, првиот момент е исклучиво правно-политички.

– Со носењето на Законот за Јавно обвинителство конечно во државата се обезбедија услови да се продолжи истрагата за проектот „Скопје 2014“ од страна на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција. Тоа беше стопирано и знаете дека повеќе од две години имавме сериозна битка и во Собранието да биде обезбедена правдата. Сега се создадени правни услови за прогон на сторителите на овој брутален чин врз нашиот град, но и со сериозни индиции за криминален чин. Очекувам дека ќе продолжи правната разврска и решавање на проблемот со „Скопје 2014“ и од друга страна конечно да се разрешат некои дилеми што ги имаше за носење на политичка одлука како да се постапува – објасни Шилегов.

Тој изрази надеж дека конечно ќе се формира политичка волја за постапување со проектот „Скопје 2014“.

– Моите очекувања се дека новата Влада ќе се врати кон оригиналните начини на решавање на овој проект, а тоа е да се послушаат советите од работното тело што беше формирано од страна на Владата и оваа дивоградба, бруталното силување на Скопје конечно ќе се санира на соодветен начин – уверен е Шилегов.

Тој додаде дека природата во средата вечер на чуден начин покажала колку малку е потребно да се уништат материјални добра и да се загрози здравјето на луѓето при ветер од времетраење од 4 до 5 часа со брзина од над 70 километри на час.

Шилегов се надева дека новата Влада ќе изнајде материјални средства да ги извади и бродовите од коритото на Вардар.

(А.П.)