Шилегов нуди 800 евра за станбен простор за експропријација

179

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, изминативе денови имал средба со граѓаните од населбата Ќерамидница, каде треба да поминува трасата на  булеварот „АСНОМ“. Тој ги негираше обвинувањата дека Градот им понудил ниска цена за експропријација на жителите.

– Не верувам дека некој е незадоволен од понудата на Градот. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ обвинува без базични сознанија и даваат изјави кои се далеку од реалноста. Веќе две групи на жители примив во мојот кабинет. Денеска треба да се сретнам со третата група. Градот нуди 800 евра по квадратен метар станбен простор и 8.000 денари по квадрат дворно место. Ние само сакаме да им ги забрзаме постапките за легализација, со цел да се склучат договорите за експропријација – одговори Шилегов.

Тој најави дека очекува до Нова година да заврши првата фаза од проектот, изградба на булеварот „АСНОМ“, на потегот од крстосницата со булеварот „Србија“ до улицата „Васко Карангелески“ (кај хотел „Русија“) и ќе се започне со изградба на мостот кој треба да биде долг 120 метри.

Инаку за трасата на булеварот во Ќерамидница треба да се урнат 180 објекти. Проектот предвидува пробивање на нов и реконструкција на стариот булевар „АСНОМ“, со должина од 2.170 метри.

(А.П.)