Шилегов највеликодушен градоначалник, потроши 285 илјади евра за новогодишни украси

80

За пречек на новата година, Град Скопје и 20 општини низ земјава потрошиле 675 илјади евра. Анализата на Центарот за граѓански комуникации покажала дека околу 73 отсто од овие пари се потрошени во Скопје и тоа за новогодишно украсување на општините Карпош, Аеродром, Чаир, Гази Баба, Бутел и Шуто Оризари, а само Град Скопје за оваа намена потрошил 260.000 евра, што е за 25 илјади евра повеќе од минатата година 

Новогодишното украсување за дочек на 2019 година, касите на Град Скопје и на 20 општини низ земјава ги олесниле за околу 675 илјади евра. Анализата на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) покажала дека речиси половина милион евра, пари од граѓаните се потрошени за новогодишното украсување на градот Скопје и скопските општини Центар, Аеродорм, Карпош, Чаир, Бутел, Гази Баба и Шуто Оризари.

Според базата на податоци за сите тендери на локалните власти што го објави ЦГК, само Град Скопје потрошил околу 285 илјади евра, што е за 25 илјади евра повеќе од минатата година. Во овие пари не влегува износот од 100.000 евра за настапот на Дино Мерлин на плоштадот „Македонија“ за новогодишната ноќ, со образложение дека парите се од спонзори.

– По Град Скопје најголемите договори за украсување ги имаат склучено скопските општини Центар и Аеродром потиснувајќи ги општините Карпош и Струмица кои што лани беа на овие позиции. Промената се должи на тоа што Општина Центар годинава спроведе тендер по пауза од две години во вредност од 56.847 евра, а Општина Аеродром пак, ја зголеми вредноста на договорот за 54 отсто и за украсувањето потроши 48.519 евра – соопштија од ЦГК.  

Според податоците, дури 91 отсто од парите за украсување на улиците и плоштадите за дочекот завршуваат кај две скопски фирми, „Линк Медиа Плус“ и „Метал-Вет-Ел“.

– Освен што договорите за украсување ги добиваат истите фирми, податоците велат дека продолжува и старата навика на задоцнето објавување на огласите за јавна набавка на новогодишно украсување што секако, неповолно влијае врз конкуренцијата и ги оневозможува потенцијалните понудувачи потемелно да ја подготват реализацијата на договорите – сметаат од Центарот за граѓански комуникации.

Оваа база на податоци е дел од предвидените десет истражувања и бази на податоци за трошењето на јавните пари кои се реализираат во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.