Мекгарви е кинематографер чиј ракопис стои зад филмовите „Покајание“, „Ана Каренина“, „Сирано“, „Ноќни животни“, „Светски трговски центар“, „Часови“, „Висока верност“, „Бакнежот на пеперутката“. Тој два пати е номиниран за наградата „Оскар“ за најдобра фотографија (кинематографија)
Шеjмус Мекгарви е добитник на специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност на 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржува од 23 до 29 септември. Ова го објави директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски, на денешната прес-конференција одржана во Скопје.
Мекгарви е кинематографер чиј ракопис стои зад филмовите „Покајание“, „Ана Каренина“, „Сирано“ (долгогодишната тандемска соработка со Џо Рајт), „Ноќни животни“ (Том Форд), „Треба да разговараме за Кевин“ (Лин Ремзи), „Светски трговски центар“ (Оливер Стоун), „Часови“ (Стивен Долдри), „Висока верност“ (Стивен Фрирс), „Бакнежот на пеперутката“ (Мајкл Винтерботом), како и зад епизодата „Скок на глава“ од серијата „Црно огледало“, за која освои ЕМИ награда и БАФТА номинација за најдобра фотографија (кинематографија).
Мекгарви (р. 1967, во Северна Ирска), живее во Италија и е два пати номиниран за „Оскар“ за најдобра фотографија (кинематографија) – за „Покајание“ (2007) и за „Ана Каренина“ (2012). Два пати ја има добиено наградата на Британското друштво на кинематографери (BSC) за „Ана Каренина“ и за „Ноќни животни“ (Том Форд) и неколкупати е номиниран за наградата БАФТА. Во 2004 година е награден со Лимиер, медал за придонес во уметноста на кинематографијата, кој го доделува британското Кралско фотографско друштво.
На прес-конференцијата беше објавена и програмата на годинашното 44. фестивалско издание.
Селекторот на програмата „Камера 300“ за долгометражни играни филмови, Слаѓан Пенев, најави богатата и атрактивна селекција. Дел од филмовите во оваа селекција се пролетерската трагикомедија на Аки Каурисмаки, „Паднатите лисја“ (Fallen Leaves), во тандем со неговиот редовен кинематограферски соработник Тимо Салминен, кој ќе биде гостин на Фестивалот, мистичното трагање по недофатливото во фотографијата и музиката на Вим Вендерс, „Совршени денови“ (Perfect Days), во соработка со директорот на фотографијата Франц Лустиг, кој, исто така, ќе биде присутен во Битола, медитативната чеховско-ромеровска драма нa Нури Билге Чејлан, „За сувите треви“ (About Dry Grasses), во прва соработка со двајца кинематографери, Џеваир Сахин и Курсат Уресин, кои во тандем ќе се појават и на проекцијата во Битола, Хичкоковскиот трилер „Анатомија на едно паѓање“ (Anatomy Of A Fall), кој ја доби „Златната палма“ на последниот Кански фестивал, дело на режисерката Жустин Трие и кинематограферот Симон Буфил, како и богатата симфонија на ѕвезди и стил на Вес Андерсон, „Астероид сити“ (Asteroid City), со најчестиот негов соработник, искусниот кинематографер Роберт Д. Јеоман.Селекторите на програмите за кратка, документарна и за студентска програма, Марија Апчевска, Кумјана Николова и Ѓорѓи Пулевски, пак, ги објавија селекциите во своите програми, каде што, исто така, има интересни наслови, како документарниот филм „Човек во црно“ (Man In Black) на Ванг Бинг, чија кинематограферка, Каролин Шампетие, позната по соработките со Лео Каракс (Holy Motors), исто така ќе биде гостин на Фестивалот.
Како што е познато, македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски ќе го отвори годинашното издание на „Браќа Манаки“. Оскаровецот Питер Бижу, кинематограферот на „Мисисипи гори“, „Трумановото шоу“, „Во името на таткото“, „Штета“, „Пинк Флојд: Sидот“, „Животот на Брајан“, „Временски бандит“, „9 ½ недели“, „Ричард Трети“ е годинашен добитник на наградата „Златна камера 300“ за животен опус, а македонската актерка и продуцент Лабина Митевска, пак, е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија. (Н.И.Т.)