Шефот на мисијата на ЕУ во Косово и амбасадорите на „Квинта“ на средба со Курти за дијалогот со Србија

25

Косовскиот премиер, Албин Курти ги прими денеска во неговиот кабинет шефот на канцеларијата на Европската унија во Приштина, Томас Шиноги и амбасадорите на така наречената Квинта, односно петте највлијателни западни држави кои имаат дипломатски претставништва во Косово – САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението од владината служба за информирање, Курти и западните дипломати разговарале за текот на дијалогот меѓу Косово и Србија, при што косовскиот премиер го повторил ставот дека во центарот на преговорите треба да биде меѓусебното признавање на двете држави.

– Во разговорот во врска со дијалогот меѓу Република Косово и Србија повторно беше нагласена заложбата на Владата на Република Косово за принципиелен и балансиран дијалог, за законски обврзувачки договор и за целосно нормализирање на односите, со меѓусебно признавање во неговиот центар, се вели во соопштението.

На средбата се разговарало за политичките случувања и безбедносната ситуација во земјата, како и за продолжувањето на тесната соработка и координацијата на Владата на Косово со мисијата на ЕУ, амбасадите на Квинта и другите меѓународни сојузници.