Прилепските советници прифатија да им се доделат субвенции на граѓаните за набавка на клима-уреди и за велосипеди. Советниците го усвоија правилниот за надоместување на дел од трошоците.
Според Миле Талески, претседател на Советот, Прилеп од буџетот одвојува шест милиони денари, од кои четири милиони се за субвенционирање за набавка на клима-уреди.
–Од буџетот на Општината се одделени четири милиони денари за субвенционирање за набавка на клима-уреди и два милиона денари за велосипеди. Со усвоениот правилник, на граѓаните ќе им бидат субвенционирани 50 насто од трошоците, а најмногу до 10 000 денари за инвертери и 5000 денари за велосипеди. Постапката за аплицирање ќе биде по принципот „прв дојден, прв услужен”, какво што е искуството на другите општини и на Министерството за економија, изјави Талески.
Советниците го усвоија и извештајот за извршување на буџетот на Општината за четвртиот квартал од 2019 година како и предлог-одлуката за проширување на средствата на буџетот за 2020 година.
На денешната седница советниците го усвоија Годишниот извештај за активностите на Детски градинки „Наша иднина” и дадоа согласност на Програмата за реализација на дејноста, со финансискиот план за 2020 година на Градската библиотека „Борка Талески”.
Советниците ја прифатија предлог-одлуката со која на прилепчанката Евгенија Најдоска ѝ се доделуваат 250 000 денари кои беа собрани на турнирот во мал фудбал „Свети Никола 2019″ за лекување на нејзиниот малолетен син Дејан Најдоски.