Чулев е виновен за гужвите на средно Водно

1003

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, смета дека за сообраќајниот метеж поради несоодветно паркираните автомобили покрај патот на средно Водно, иако има паркинг, е виновен техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.

Прашан може ли Градот и како ќе се справи со непрописно паркираните возила на средно Водно кои во изминатиот викенд ги имало во голем број, поради топлото време и зошто не е пуштена пајак-службата на градското јавно претпријатие „Градски паркинг“, Шилегов одговори дека претпријатието не може самоиницијативно да реагира, туку тоа мора да биде во присуство на полицаец.

– Република Северна Македонија има технички министер за внатрешни работи кој не умее да изврши една обична техничка работа – да ги отстрани непрописно паркираните возила. Откога дојде на чело на ова министерство, не може да се види униформирано лице, сообраќаец кој ќе казнува и за ситни прекршоци, а не, пак, за друго – изјави Шилегов.

Тој не одговори на тоа дали би можело да се пуштат повеќе автобуси кон средно Водно, бидејќи луѓето се жалат оти ги немало во доволен број, со оглед на тоа што Градот се залага што повеќе да се користи јавниот превоз, а да се остават автомобилите, како една од мерките за намалување на аерозагадувањето.

(А.П.)