Чиј е Поштенскиот дом над Средно Водно?!

2176

Додека објектот е уништен, иако во него се наоѓа мурал на познатиот академски сликар Борко Лазески, државните институции се незаинтересирани да го заштитат. Објектот бил на Македонска пошта, но оттаму велат дека со поделбата меѓу ПТТ и Македонски телекомуникации, тој припаднал на Телеком, но оттаму кажуваат дека не е во нивна надлежност. Упатуваат на Агенцијата за катастар на недвижности од каде, пак, велат дека кај нив нема запишано таков објект, но земјиштето било државно

 

Деновиве граѓани на социјалните мрежи споделија фотографии кои укажуваат на катастрофалната состојба на Поштенскиот дом кој се наоѓа над Средно Водно.

Тие се згрозени од глетката која, како што велат, укажува на вандализам на несовесни граѓани.

Росица Лазеска, ќерка на Борко Лазески кој е познат академски сликар и автор на муралите што се наоѓаат во Поштенскиот дом, а и во дирекцијата на Македонска пошта кои изгореа во пожарот пред осум години, на социјалните мрежи коментира дека деновиве, кога се искачувала на Водно, патот ја однел до Поштенскиот дом. Таа вели дека била шокирана од она што го видела.

– Домот е тотално демолиран. Некој беснеел кршејќи се што ќе му дојде под рака. Толку голема разурнувачка енергија не сум видела. Само муралот на ѕидот не ги заинтересирал. Тој за нив и така ништо не вредел. Местото некогаш беше прекрасно – коментира Лазеска и се прашува дали некој знае зошто и како ова се случило?

Додека луѓето се прашуваат зошто објектите туку така пропаѓаат, повеќе институции и компании се оградуваат од грижата за овој објект. Од Македонска пошта не негираат дека овој објект некогаш бил во нивна сопственост, но потенцираат дека сега тој не е во нивна надлежност.

– Во моментот на поделба на ПТТ и Македонски телекомуникации, овој објект припадна на Македонски телеком – посочувајќи одговорот за него да го побараме кај Македонски телеком.

И од Македонски телеком велат дека објектот повеќе не е во нивна сопственост, упатувајќи на одговор од Агенцијата за катастар на недвижности. Оттаму за весникот ВЕЧЕР одговорија дека објектот Поштенски дом на Водно воопшто не е запишан кај нив.

– Кај нас воопшто нема запишано таков објект. Она што можеме да кажеме е дека земјиштето под објектот е државно – велат од Агенцијата за катастар на недвижности.

И професорот Љубомир Цуцуловски пред две години на крајот на јули на Фејсбук пишуваше за состојбата на овој дом која не е променета ни до ден-денес. Според него, тој е изграден некаде 70-тите години од минатиот век и бил комбинација на хотел со ресторан и летна тераса. Се наоѓа на надморска висина од 700 метри на Водно.

(А.П.)