Со настап на музичарот Џијан Емин, како и на Гоце Стефковски на тапани, Кирил Кузманов на саксофон и флејта и на Оливер Јосифовски на контрабас, вечерва (23 февруари), во новото „Кафе Литература“ во „Дајмонд мол“, ќе се промовира нов културен концепт што ќе ја слави врската помеѓу литературата и музиката. Со настанот наречен „Читаме џез“, всушност, се најавува почетокот на низата музички настани во духот на џезот и на урбаниот звук, кои ќе се случуваат секој петок навечер, токму во овој простор.

– Преку партнерство на „Џез ФМ“ и Литература.мк“, започнуваме со новиот концепт за организација на квалитетни музички настани со врвни уметници и нови откритија од македонската и од регионалната музичка сцена. Нашата мисија е познавачите на добриот звук да уживаат во мноштвото начини на кои влијаат музиката и литературата на глобалната култура – рече на денешната прес-конференција Александра Лукиќ од „Литература.мк“.

За Стефана Марковиќ, претставник од најстарото и единствено радио кај нас за промоција на џез-музиката „Џез ФМ“, пак, музичките настани ќе придонесат за охрабрување на младите музичари и автори да продолжат да творат и да се промовираат на оваа локација.

– Се надевам дека ќе придонесеме кон растење на сцената, национално, но, можеби, и во интернационални рамки. Со „Џез ФМ“ продолжуваме да работиме како и досега, ќе ја чуваме традицијата на џезот, ќе внесеме и новини од џез-сцената, ќе воведеме и онлајн стрим со пет канали за радиото да биде подостапно за љубителите на џезот и на убавиот звук – посочи Марковиќ.

Познатиот диригент Џијан Емин, сега и на новооснованиот Национален џез-оркестар, кој е и композитор, аранжер и оркестратор, ќе биде домаќин на овие настани, двапати во месецот, секој втор петок, кога ќе претставува и различни концепти.

– На поканата да бидам домаќин на настаните што ќе се случуваат овде, одговорив со огромна радост и навистина ми е чест и задоволство. Ваков тип идеја сме имале и многу порано и сме се обидувале да ја имплементираме во најразлични простори, меѓутоа секогаш е комплицирано како да функционира тоа. Затоа се надевам дека овде ќе успееме да направиме еден убав циклус на настани од најразновиден карактер, каде што ќе продефилираат еден куп супер музичари од најразлични жанрови, со настани на кои ќе се вкрстуваат различни медиуми… Во оваа „оаза на мудроста“, на полиците стојат книги каде што се запишани некои од најголемите мисли во историјата и се надевам дека, можеби, тоа ќе биде огромна инспирација за сите што ќе свират овде – истакна Емин.

Идејата на овој концепт е да се збогати градската програма и да се едуцира публиката преку квалитетен музички репертоар. Програмата ќе се објавува тековно, а настаните, кои ќе бидат вечерни (ќе се одржуваат од 21 часот), ќе бидат од отворен тип. (Н.И.Т.)