Чешка: Асимптоматските здравствени работници ќе можат да продолжат да работат

18

Чешката Влада ќе дозволи асимптоматските здравствени работници и персоналот за социјална заштита за кои е потврдено дека се заразени со коронавирус да продолжат да работат, соопшти Министерството за здравство.

Новите правила се помалку амбициозни отколку што претходно беше предложено од владата, која рече дека составува поширок список на критичен персонал, вклучувајќи ги службите за итни случаи, полицијата и работниците од енергетската индустрија кои би можеле да бидат вклучени во програмата.

Чешкиот потег е најновото олеснување на мерките во Европа. Европските земји се обидуваат да најдат начин да го одржат работењето на службите, во моменти кога брзо се шири заразната варијанта омикрон.

Министерот за здравство Властимил Валек појасни пред новинарите дека владата се надева дека ќе успее да се справи со бранот омикрон инфекции, кој е одговорен за повеќе од 10.000 новозаразени дневно.

– Оние кои треба да продолжат да работат ќе можат само да одат на работа и да се вратат дома. Ќе мора да носат маски и да јадат во посебни простории, рече министерот, додавајќи дека со новите мерки ќе бидат опфатени неколку стотици работници, а ќе се применуваат само по потреба.

– Ќе бидат поставени мерки на начин да се обезбеди нула ризик од инфицирање на работниот колектив, рече тој.

Владата веќе нареди тестирање во училиштата од понеделник, а работниците ќе мора да се тестираат двапати неделно. Валек предвидува дека ќе има до 20.000 инфекции дневно до почетокот на следната недела, а можеби и до 50.000 до крајот на истата недела.

Валек повтори дека стратегијата на владата е да го забави ширењето на омикрон меѓу населението и да избегне колапс на болниците.