Во предвечерјето на големиот празник, Денот на македонската револуционерна борба, 23 Октомври, универзитетската професорка Катерина Тодороска, за весникот ВЕЧЕР, вели дека денови како 23 октомври имаат огромно значење во формирањето на националната свест кај еден народ, а тоа особено е важно за нас Македонците. „Ова од причина што богати истории и светли датуми нема секој народ, а нам секој ден ни претставува пресвртница во опстојувањето. Оттаму и потребата на народи сиромашни со историја да бараат „заедничка“ историја со македонскиот, а некои пак насилно и со децении ја мамат светската јавност со присвојување на одредени периоди од македонското минато. Токму затоа, сметам дека 23 октомври треба најдостоинствено да го одбележиме со пиетет кон македонските револуционери од илинденскиот период, но и продолжувачите на нивното дело од времето на АСНОМ до денешните застапници за зачувување на македонската самостојна и независна држава, изјави проф. д-р Тодороска за весникот ВЕЧЕР

 

„Само една тајна револуционерна организација може да го пресече патот на туѓите пропаганди во Македонија“. Обединети околу оваа идеја група интелектуалци истомисленици, пред 131 година, во Солун, ја основале Македонската револуционерна организација. Имено, на 23 октомври, во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов се собрале шестмина млади мажи за да ги ставаат основите на тоа, коешто ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Основоположници биле: Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја Македонски револуционерен комитет.

Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош однадвор. Формирањето на МРО значело почеток на организираното македонско револуционерно движење, кое преку Илинден 1903 и Крушевската Република, а потоа преку НОБ резултира со создавање современа самостојна македонска држава. Овој датум е темел на организираната борба на македонскиот народ и народите кои живееле во Македонија за формирање независна и самостојна држава и затоа 23 октомври симболизира континуитет на македонската борба за независност.

-Историјата на македонскиот народ е исклучително богата со датуми, настани и личност, кои претставуваат составен дел од мозаикот наречен македонска национална историја. Еден таков датум е и 23 Октомври, бидејќи на тој ден во 1893 година бил одржан состанокот на иницијаторите за организирано македонско ослободително движење против вековната османлиска власт. Идејата започнала од шестмина патриоти, а набрзо се раскрилила низ секое населено место низ македонската етничка територија. Тоа, особено било забележително после влегувањето на Гоце Делчев во Македонската револуционерна организација, појаснува професорката Катерина Тодороска од Институтот за Историја. За весникот ВЕЧЕР, таа одговара и на прашањето зошто ние, како потомци на тие македонски дејци, многу малку си ја знаеме историјата, а уште помалку ја знаеме вредноста на секој светол датум од таа наша историја?

-Според мене, основниот проблем лежи во образованието, бидејќи македонската историја како дел од предметот историја во основните и средните училишта се сведува на општи сознанија. Дополнително, голем проблем е што учениците не се носат на знаменити историски места за екскурзија туку на полјана да се истрчаат. Иронијата на страна. Денови како 23 октомври имаат огромно значење во формирањето на националната свест кај еден народ, а тоа особено е важно за нас Македонците. Ова од причина што богати истории и светли датуми нема секој народ, а нам секој ден ни претставува пресвртница во опстојувањето. Оттаму и потребата на народи сиромашни со историја да бараат „заедничка“ историја со Македонскиот, а некои пак насилно и со децении ја мамат светската јавност со присвојување на одредени периоди од македонското минато. Токму затоа, сметам дека 23 октомври треба најдостоинствено да го одбележиме со пиетет кон македонските револуционери од илинденскиот период, но и продолжувачите на нивното дело од времето на АСНОМ до денешните застапници за зачувување на македонската самостојна и независна држава, вели професорката Тодороска.

Во чест на Денот на македонската револуционерна борба, кој е прогласен за државен празник и неработен ден за сите граѓани, ќе се одржат пригодни манифестации.

Под слоганот „Завет кој обврзува“ во Музејот на македонската борба за самостојност ќе се одржи Свечена академија на која што свое обраќање ќе има претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски.

Владина делегација во 11:00 часот ќе положи свежо цвеќе пред Споменикот на основачите на ВМРО кој се наоѓа во Жена-парк Скопје.

Со овој празник се оддава должна почит за сите жртви и напори кои се дадени во борбата за самостојност и организираното делување во насока стекнување на независност, слобода и удирање на темели на сопствена македонска држава. Воедно на овој ден во 1893-та година е формирана Македонската револуционерна организација која претставува главната сила во организираниот отпор насочен за ослободување. Овој празник претставува завет на многу генерации кој обврзува за достојно, суштествено и активно делување во изградба на современа, силна и просперитетна држава, се вели во соопштението од Владата.

Празникот ќе биде одбележен и во дијаспората. Деновиве, Здружението „Македониум“ на Македонците од Белград во градската Библиотека со свеченост ги одбележаа двата празника, 11 октомври Денот на востанието на македонскиот народ и 23 октомври Денот на македоснката револуционерна борба. На свеченоста историчарот проф.д-р.Михајло Марковиќ од Тетотво одржа предавање на тема „11 Октомври-Денот што ја продолжува вековната низа од значајни настани за зачувување на македонскиот културен идентитет“.

-Овие два празника ние како македонска заедница во Белград традиционално ги одбележуваме бидејќи се значјни за македонскиот народ и затоа што сакаме да ја потсетиме македонската заедница на историјата на македонскиот народ, изјави претседателката на Македонскиот национален совет во Србија, Зорица Митровиќ. Како што јави дописникот на МИА од Белград, на свеченоста беше промовирана книгата „Крвава граница“ на Драгутин Димчевски, а беа изведени и македнски традиционални песни од ансамблот Македониум од Белград. (Е.А.)