Честитките неизоставен дел од новогодишната еуфорија

177

Неизоставен дел од новогодишниот декор во минатото беа честитките што поштарот ни ги носеше до врата, но дали сè уште се одржува традицијата и колку современите технологии го заменија овој детаљ.

Дел од граѓаните ја задржале традицијата со пишување новогодишни честитки. Некои од нив купуваат, а други пак сами ги изработуваат, но најголем дел го следат модерното, честитајки си со електронски пораки и гифови.

Тетка Кате, иако во поодминати години вели дека новогодишните и божиќните празници во нивниот дом не поминуваат без пишување честитки.

– Во моето семејство ја задржавме традицијата за испраќање честитки по пошта. Праќам за најблиските, за роднините и пријателите, посебно за децата. Сакам да ги изненадам, да се израдуваат. Внимателно ги одбирам. Купувам и обични и музички, ги пакувам и испраќам по пошта пред празниците. Посебни емоции создава ѕвонењето на поштарот кога ќе ни донесе новогодишна честитка, посочува Кате.

Традицијата со пишување, но и изработка на новогодишни честитки ја задржале и во семејството на Верче, која заедно со тригодишната ќеркичка Искра со возбуда и големи емоции го споделуваат овој момент.

– Јас пишувам честитки, испраќам и примам. Ги обожавам уште од дете. Во мене секогаш будат неопислива детска радост и насмевки. Ми асоцираат на среќа и безгрижност. И мојата ќерка Искра се радува кога пишувам честитки и заедно ги украсуваме, а кога ќе стигне некоја честитка прва ги отвара пликоата да ги види и да и ја прочитам пораката, раскажува Верче.

Наставничката Сандра навраќајќи се на детството ја опиша возбудата и предновогодишната еуфорија. – Стојам со пликоата, ги отворам и се радувам на секоја посакана желба. Исто толку сум возбудена и кога стојам пред трафика и внимателно ги одбирам честитките за соучениците. И секако бирам една музичка за учителката, која се трудам да ја напишам најубаво што можам, се присети Сандра.

Новогодишната магија од детството се обидува да им ја пренесе на своите ученици со изработка на честитки со најубави желби и украси.

– Подготвувам кутија, нашето поштенско сандаче, го украсувам и го закачувам во училница, им зборувам за магијата на честитката и желбите на децата. Секој ја бележи својата желба и прави честитка до другарчето. Ги ставаме во сандачето. Го чекаме последниот ден од полугодието за да ги прочитаме и посакаме сите тие искрени детски желби, кои пленат искрени насмевки зад маските. Секако, тука се честитките кои ги добивам од моите ученици постојано и тоа е мотивот во мојата работа, за вложување на повеќе труд и пренесување на знаењето, вели Сандра.