Честитка по повод Илинден од претседателот на ГДУ Петар Колев

18

Претседателот на Граѓанско Демократска Унија-ГДУ Петар Колев, упати честитка по повод државниот празник 2 Август – Илинден.

– Чекор по чекор, со многу жртви и пролеана крв, со многу истрајност, но и неуспеси, разочарувања и предавства, нашите предци успеаја да го реализираат сонот за Македонска држава. Почнувајќи од идејата за автономија, како рефлексија на Берлинскиот договор, минувајќи низ голготата на востанието, пожарите и бегалците, преку двете Балкански војни и нивните катастрофални последици, преку Првата светска војна, идејата за самостојна држава (Македонија на Македонците), преку атентатите и теророт, Втората светска војна и нејзиниот пустош и тоталната светска трагедија, преку Југославија и нејзиниот крвав распад, денес ние живееме во сопствена држава, стои во честитката од Колев.

Зависно од времето, условите и можностите, подвлекува тој, нашите предци секогаш наоѓале начин да останат посветени на идејата за Македонија и вековниот сон кој денеска е наша реалност.

– Можеби точно денеска е убаво да се запрашаме дали ние сме достојни нивни наследници? Што направивме со Македонија? Дали е нормално во мирно време и без војни да имаме повеќе „бегалци” отколку по време на востанија и војни? Дали е нормално нашите деца и внуци да ги гледаме преку камери, нашите баби и дедовци да живеат со тие мизерни пензии од 10-12-15000 денари кои не им стигнуваат за лекарства а камоли за нешто друго, да имаме најлош образовен, но и здравствен систем во Европа, а корупцијата и криминалот да се повод за гордост (се снашол човекот). Доблеста, честа и идејата на нашите предци е нешто со кое  ние се гордееме денес, но со што од она што ќе го оставиме после нас ќе се гордеат нашите наследници утре?, вели во честитката по повод Илинден претседателот на ГДУ Петар Колев.