Честите дефекти во мрежата ги оставаат тетовци без вода

34

Жителите во централниот дел на Тетово се соочуваат со појава на прекини во водоснабдувањето, но од комуналното претпријатие велат дека вода има доволно и дека единствена причина се дефектите во цевководната мрежа.

Дел од граѓаните кои живеат во близина на општината велат дека неколку дена немаат вода од 10 до 12 часот.

– Вода ова лето има доволно и на оптимално ниво е капацитетот. Во моментот има 500 литри вода во секунда што ги задоволува потребите на градот. Во овие бројки не е вклучена и дополнителната количина од новиот водоснабдителен систем –  изјави Самедин Абедини од работната единица „Водовод и канализација“ при Јавното комунално претпријатие Тетово.

Тој потенцира дека нема рестрикции туку прекините во водоснабдувањето во некои населби се поради честите дефекти.

– Секој ден има по некој дефект на мрежата, поради дотраеност пукаат цевките. Обично прекинот во водоснабдувањето трае неколку часа, во зависност од видот на оштетувањето на водоводната цевка и замена на истата. Во просек има два до три дефекти на разни позиции во градот – вели Абедини кој апелира водата да се користи рационално и да не се троши за полевање зелени површини, улици и тротоари.