Чадорчиња, коцки, пердуви, завеси..светнаа над улиците и булеварите, елката ќе блесне во петок

290

Новогодишната еуфорија може да почне. Скопските улици и булевари украсени блеснаа во полн новогодишен сјај, точно на први декември, онака како што беше најавено од градските власти.

Дел од новогодишното украсување, со повеќе фотографии е доловено на фејсбук-страницата на скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Светкави чадорчиња, коцки, светилки во вид на пердуви, светкави завеси, се само дел од украсите кои се поставени низ улиците.

Оваа година, како што најави Шилегов, Скопје е побогато украсено од минатата година, а новогодишниот амбиент успеа да го долови фирмата „Линк Медиа“ која ја доби отворената јавна набавка.

Новогодишниот базар „Винтерленд“, годинава ќе започне од  6 до 31 декември.

– Куќарките ќе бидат поставени на новиот мини плоштад меѓу Градскиот трговски центар и плоштадот „Македонија“, а ќе има и мала сцена  на која секојдневно ќе се организираат настани. На овој простор ќе има и посебно детско катче – најави Шилегов.

Тој истакна дека новогодишната програма ќе трае 25 дена, од отворањето на базарот до 31 декември. За децата ќе се одвива по два часа, почнувајќи од 16 часот, а потоа за возрасните, по три часа. За време на викендите е планирана целодневна програмата која ќе започнува точно напладне.

На шести декември ќе светне и дигиталната елка, а како што информираше Шилегов, работниците веќе два дена работат на новогодишниот тунел. Дополнително, со договорот за украсување склучен со „Линк Медиа“ е опфатен и новогодишен огномет, како и отстранување на светилките и елката по празниците.

Новата година, оние што сакаат да ја дочекаат на отворено на Градскиот плоштад ќе ја минат забавувајќи се со познатата балканска ѕвезда Дино Мерлин.

(А.П.)