Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески и претседателот на Стопанската комора на Србија Марко Чадеж, беа реизбрани да го раководат Коморскиот инвестициски форум (КИФ) за нов мандат од четири години, на денешната седница на Управниот одбор на КИФ, која беше одржана во онлајн формат. На 21 и 22 јули во Охрид ќе биде одржана следната седница на Управниот Одбор на КИФ, на која ќе се разговара за позиционирањето на КИФ и координацијата со останатите регионални иницијативи, вклучувајќи го и Отворен Балкан.
За двоецот Чадеж – Азески, кои раководат со регионалната асоцијација од 2017 година, денешниот реизбор претставува признание и потврда за досегашните постигнувања на полето на регионалната економска соработка, за позиционирањето на КИФ како единствен и уникатен претставник на приватниот сектор од регионот на Западен Балкан, како и за досегашниот придонес кон имплементацијата на Акцискиот план за воспоставување на Заедничкиот регионален пазар, кој е потврден од страна на Европската комисија и меѓународните партнери.
Коморскиот инвестициски форум, со седиште во Трст е институција основана во 2015 година во рамките на Берлинскиот процес инициран од канцеларката Ангела Меркел, и претставува глас на приватниот сектор од регионот, застапувајќи 350.000 компании од подрачјето на Западен Балкан.
Со реизборот на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија на чело на КИФ, Комората добива огромно признание за сите свои активности на регионален план, во текот на одбележувањето на 100-та годишнина од своето постоење.