„Редовната репертоарска програма на МНТ ќе започне во септември, а во рамките на истата, како новитет и по барање на публиката, свечено ќе биде отворена и летната сцена „Славиша Кајевски“, која ќе функционира од 17 септември до 1 октомври, и ќе биде отворена со претставата „Црнила ремикс“ – хип-хоп интерпретација на класичното дело од Коле Чашуле“, посочуваат од МНТ
Македонскиот народен театар, најголемата театарска куќа во нашата држава, каде што неодамна за нов в.д. директор, беше поставен продуцентот Никола Кимовски, во новата сезона 2024/2025 ќе добие летна сцена што ќе го носи името на прерано починатиот актер Славиша Кајевски, соопштија од МНТ.
-Редовната репертоарска програма на МНТ ќе започне во септември, а во рамките на истата, како новитет и по барање на публиката, свечено ќе биде отворена и летната сцена „Славиша Кајевски“, посочуваат оттаму.
Оваа летна сцена ќе функционира од 17 септември до 1 октомври, а ќе биде отворена со претставата „Црнила ремикс“ – хип-хоп интерпретација на класичното дело од Коле Чашуле, режирана од Јордан Симонов и продуцирана од Младинскиот културен центар (МКЦ).
Во рамките на програмата ќе се најдат и стендап настапот на Сашко Коцев насловен „Широк дијафазон“ ( 18 септември), претставата „Мој термин“ на Синиша Евтимов (19 септември), „Вечера за глупаци“ на Велешкиот театар (20 септември), како и настапи на Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд (21 септември), како и на Пијан Славеј (24 септември), а ден претходно е и „The Ringstones” (поп култура). Претставите „Кец на десетка“ и „Не се клади на Енглези“ се на 25 и на 26 септември. Настапот на LD Pistolero & DJ Goce е на 27 септември, а дипломската претстава „Сакатиот од Инишман“ е на 30 септември. Завршницата на оваа културна авантура ќе биде одбележана со концерт на Националниот џез-оркестар, кој ќе ги изведе безвременските хитови на „Битлси“.
Кон средината на октомври, пак, на малата сцена, како што најавуваат од МНТ, премиерно ќе биде изведена претставата „Бели ноќи“, во режија на Звездана Ангеловска, што ќе биде поставена како копродукциски проект.
На 17 октомври е договорено гостување со претставата „Народен непријател“, од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, на Интернационалните театарски средби „Брчко Дистрикт“ во Босна и Херцеговина.
Потоа, на големата сцена ќе биде изведена премиерната изведба на претставата „12“, во адаптација и режија на Синиша Евтимов. Тој, велат од театарот, мајсторски го направи изборот на силна актерска екипа што ќе работи на претставата. Претставата „12“ ќе биде поставена по мотивите на теледрамата „12 гневни мажи“ (12 Angry man) на Реџиналд Роуз.
По премиерата, во ноември во МНТ ќе гостува Српското народно позориште од Нови Сад со „Собирачи на пердуви“ во режија на Дејан Пројковски. Претставата годинава го освои првото место на реномираниот српски фестивал „Театар тврдина“ во Смедерево. Во ноември, исто така, премиерно како копродукција ќе биде поставена претставата „Бог на масакрот“, по текст на Јасмина Реза, а во режија на Весна Петрушевска.
Српскиот режисер Егон Савин ќе ја постави „Народен пратеник“, по текст на Бранислав Нушиќ. По претставите „Злосторство и казна“ во 1994 и „Лаж и паралаж“ од 1996 година, ова ќе биде за Савин трета режија во Македонскиот народен театар. Претставата „Народен пратеник“ на сцената на МНТ, за првпат е поставена во 1945 година, потоа во 1993 година, и ова ќе биде трета постановка.
Во декември е предвидена и премиерната изведба на копродукцискиот проект „Марта“ по текст на Драгана Лукан Николоски, а во режија на Нина Николиќ.
-Со почетокот на училишната година, активно ќе продолжат организираните тури за посета на театарот, со посебен акцент за основните и за средните училишта. На овие тури младите генерации ќе имаат можност да се запознаат со театарот преку разгледување на објектот, музејската поставка со посета на проби и разговори. Покрај онлајн продажбата на билетите на официјалната веб-страница на МНТ, како новитет ќе се имплементира и мобилна апликација каде што публиката ќе биде во можност на побрз и на поедноставен начин да дојде до билет, велат од оваа театарска куќа.
Како што додаваат оттаму, в. д. директорот Кимовски со овластени лица како и со дел од вработените од техничките служби, направи целосна обиколка на објектот – во ентериерот и екстериерот, за утврдување на штетите создадени од природните непогоди/внатрешното прокапување, ронење на фасадата и сл., и нивна понатамошна санација.