Цените на храната ќе се качеа за уште 20 отсто ако не се донесеше мерката за субвенционирана струја

Мерката е донесена навреме, бидејќи деновиве цената на струјата на берзата ХУПЕКС се качи на 430 евра за мегават-час, која заедно со дистрибутивната маржа достигна до 500 евра за мегават-час. Да не беше мерката цените на сите прехранбени производи ќе се качеа за уште 20 отсто. Но, мерката не значи дека сите производители веднаш ќе ги намалат цените. Следува период на стабилизација од 15 дена и кога ќе се создадат услови за нормално стопанисување цените ќе почнат да се намалуваат, изјави за ВЕЧЕР, Горан Малишиќ, претседател на Здружението за мелничко-пекарска индустрија во Стопанската комора на Македонија

1388

Ако не се донесеше мерката за субвенционирана струја за компаниите од прехранбената индустрија, цените на сите производи ќе се качеа за 20 отсто. Производителите сметаат дека мерката е донесена навреме за да се спречи ново зголемување на цените како резултат на растот на цената на струјата која на берзата ХУПЕКС се искачи над 430 евра за мегават-час. Инаку, од вчера поевтинување има само на лебот, а за другите производи ќе треба малку време додека се стабилизираат цените и не се намалат набавните цени за трговците.

-Мерката е донесена навреме, бидејќи деновиве цената на струјата на берзата ХУПЕКС се качи на 430 евра за мегават-час, која заедно со дистрибутивната маржа достигна до 500 евра за мегават-час. Да не беше мерката цените на сите прехранбени производи ќе се качеа за уште 20 отсто. Но, мерката не значи дека сите производители веднаш ќе ги намалат цените. Следи период на стабилизација од 15 дена и кога ќе се создадат услови за нормално стопанисување, цените ќе почнат да се намалуваат, изјави за ВЕЧЕР, Горан Малишиќ, претседател на Здружението за мелничко-пекарска индустрија во Стопанската комора на Македонија.

Сепак, поголем дел од производителите на храна не аплицираа за субвенционирана струја, односно од најавените 1.000 компании се пријавија само  235 компании. Владата ги условува компаниите што ќе склучат договор за поевтина струја, покрај маржите, да ги намалат и цените на производите, но на производителите тоа не им се исплати тоа.

-Апелирам до сите компании да аплицираат за поевтина струја за да можат нормално да стопанисуваат, бидејќи секако ќе мора да ги намалат цените. Ако еден производител ги намали и друг производител, ќе мора да ги намали за да биде конкурентен. Ако добие субвенционирана струја тоа не значи дека веднаш ќе мора да ги намалат цените за 10 или повеќе проценти. Секоја компанија ќе си направи пресметка за колку и кој производи ќе може да ги намали, вели Малишиќ.

Тој додава дека секоја компанија ќе ги намалува цените на производите, зависно од процентот на учество на енергијата во крајниот производ, но под услов цените на суровината, амбалажата и другите инпути да останат исти.

Од месната индустрија велат дека цените се намалени за пет проценти, пред сè на домашното свежо свинско месо, но, сепак, секоја компанија поединечно си одлучува по колку ќе ги продава своите производи. За да се намали, пак, цената на месните производи веднаш, за над 10 – 15 проценти, потребно е ослободување од царините за увоз на смрзнато свинско месо за преработка што беше во сила четири години и заврши во јуни 2022 и доведе до поскапувања.

Од Групацијата за преработка на месо и производи од месо при Стопанската комора порача дека правилата за добивање субвенционирана струја мора да се објават јавно и јасно и да важат еднакво за сите правни субјекти, бидејќи на десетина компании од месната индустрија им се одбиени апликациите зашто имаат фотоволтаици.

– Намалени се околу 50-иуна производи, дел од свежото свинско месо и дел од пилешкиот асортиман, но до кога ќе важи тоа не знаеме, зашто некои компании се одбиени и се ставени во нерамноправна положба. Очекувавме мерката за струјата да биде јасна и целата работа да биде завршена со доставување на документацијата, истакна претседателот на Групацијата, Гоце Трајчев.

Трајчев рече дека компаниите се подготвени вишокот струја да го дадат гратис, за тоа да не биде пречка и да добијат субвенционирана електрична енергија.

Од Државниот пазарен инспекторат велат дека се вршат засилени инспекциски контроли кај трговците за да се види по кој цени се набавени производите и кај производителите за да се види дали извршиле корекција на цените.

-Ќе се проверуваат цените на производите кои треба да се намалат. Не се очекува некое поголемо намалување на производите, освен на лебот и на свежото млеко кој се на дневна потрошувачка. Другите производи кои се во резерва се набавени по повисоки цени и не може да се продаваат по пониски цени. Треба прво производителите да ги намалат цените и да им понудат на маркетите нови намалени цени, изјави за ВЕЧЕР директорката на Инспекторатор, Анета Симеска-Димоска.

Ако мерката за субвенционирана струја не даде ефект од Владата најавија дека е можно е замрзнување на цените на основните прехранбени производи. Србија веќе го направи тоа и од вчера ја ограничи цената на основните прехранбени производи – цената на сончогледовото масло за јадење не смее да надмине 219,99 динари за литар, цената на белиот кристален шеќер не смее да биде повисока од 114,99 динари за килограм, а брашното од типот Т-400 не смее да биде повисоко од 84,7 динари за килограм.

(А.С.)