Цените на храната почнаа да растат пред короната, а продолжија во јуни

Прогнозите на ФАО како за Македонија така и за другите земји во светот уште пред пандемијата беа дека цените на храната во светот во 2020 година ќе растат. Овој тренд, кој трае последниве неколку години, за кратко беше запрен со мерките на владите за справување со корона-кризата, но продолжи во јуни. И прогнозите на Агенцијата за храна и ветеринарство на почетокот на годинава ги потврдија оние на ФАО дека ќе има зголемување на цените на храната, пред сè поради зголемувањето на цените на месо

42

Трендот на пораст на цените на храната во светот започна пред пандемијата. Корона-кризата го стопираше овој трендот кој беше присутен во последните неколку години во светот, а најизразен беше кон крајот на минатата година. Организацијата на храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) уште пред кризата прогнозираа дека цените на храната во Македонија во 2020 година ќе растат. Меѓутоа поради пандемијата овој тренд беше запрен и во јуни годинава цените на храната повторно се зголемија.

И прогнозите на Агенцијата за храна и ветеринарство на почетокот на годинава ги потврдија оние на ФАО дека ќе има зголемување на цените на храната, пред сè поради зголемувањето на цените на месо што ќе повлечат зголемување на цените на другите производи.

Причина за порастот на цените на храната, како што изјави тогаш директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, се болестите кај животните кој придонесоа за зголемување на цените на свинското и говедското месо, а тоа пак на другите производи.

-И покрај тоа што во светски рамки ќе има пад на консумацијата на месо во просек за еден килограм, сепак цените ќе пораснат. Кај свинското месо поради присуството на болеста африканска свинска чума, која од Истокот се прошири и во Европа. Иако консумацијата на свинско месо ќе се намали, неговата цена ќе расте, а слична ќе биде состојбата и со другите видови месо. Освен месото ќе има зголемување и на цената на млекото и млечните производи, истакна Атанасов.

Исто така, се потврдија и прогнозите за зголемување на цената на млекото и млечните производи, бидејќи и Европската Унија се соочува со пад на бројот на животни, на говеда и на свињи, а сето тоа доведува до раст на цените на храната на светските берзи.

Освен на месото, млекото и млечните производи, според домашната статистика, зголемување на цените во 2020 година во однос на лани има и кај овошјето и зеленчукот. Пораст на цените во јуни споредено со мај годинава е забележан кај свежото и разладеното овошје за 13,6 проценти, свежиот и разладениот зеленчук за 6,2 проценти, сувото овошје и јаткастите производи за 3,5 проценти, лебот и житата за 0,6 проценти…

Според земјоделците, пак, цените се повисоки поради намаленото производство. Поради короната земјоделците се плашеа дали ќе им се продадат производите и го намалија производството, а намалената понуда доведе до повисоки цени на земјоделските производи.

(А.С.)