Цензусот ќе каже дали сме за предвремени парламентарни избори

39

Нови претседателски избори или нови уставни измени ако претседател на државата не се избере и по вториот круг претседателски избори закажани за 5 мај. Цензусот од 40% излезност, неопходен за да се избере новиот шеф на државата и натаму е најголемиот прашалник за претстојните претседателски избори. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нивниот кандидат Гордана Силјановска Давкова на терен интензивно се подготвуваат за претседателските избори и веруваат во победа. Во партијата не размислуваат за бојкот, не ја исклучуваат можноста граѓаните во вториот круг да го бојкотираат гласањето, предизвикани од злоупотреба на правото на глас, прогони, притисоци.

-Се разбира доколку има злоупотреба на правото на глас, доколку ни се случуваат оние настани кои се случија за време на референдумското изјаснување на 30 септември минатата година кога имаше гласање за 2,4 секунди излезност од 95 проценти, ако продолжи злоупотребата на државната администрација, ако гледаме дека има политички прогон, притисоци, тој продолжува за време на изборната кампања, вештачки вработувања во државната и локалната администрација… тоа можат да бидат предуслови што на нас може да не доведат до одлука, не само ние како ВМРО-ДПМНЕ, туку и граѓаните во целост да пројават еден вид пркос и револт и да не излезат на вториот круг за гласање на претседателските избори, рече Христијан Мицкоски во интервју за ТВ Сител.

Доколку опозицијата, сепак, се одлучи за бојкот, се поизвесно е дека потребниот цензус ќе биде неисполнета желба. Во тој случај, за кратко време треба да се организираат нови претседателски избори или да се оди на нови уставни измени, со кои претседателот на Собранието би се избирал со двотертинско мнозинство.
Според премиерот Зоран Заев, нови уставни измени засега не се планираат и оваа можност засега не се разгледува и претседателот ќе се избира директно, на избори.

– Ако кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски, загуби на претстојните претседателски избори од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска, премиерот Зоран Заев во интервју за Канал5 најави дека ќе распише предвремени парламентарни избори.
Ако во вториот круг нема цензус, дел од работите се предвидени во Уставот и Изборниот законик. Членот 82 од Уставот наведува дека “во случај на смрт, оставка, трајна спреченост да ја врши функцијата или престанок на мандатот по сила на Уставот, до изборот на нов претседател на Републиката, функцијата претседател на Републиката ја врши претседателот на Собранието” . Тогаш Џафери би бил и претседател на државата, ќе го води и парламентот, но нема да има право на глас како пратеник.

Во членот 81 од Уставот, пак, се наведува дека ако и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка, а речиси истото за ваквата ситуација е предвидено и во Изборниот законик.

Оливер Дерковски, претседател на Државната изборна комисија, изјави дека нови претседателски избори ќе се одржат за 40 дена доколку го нема потребниот цензус од 40 отсто излезеност.

Увидот во избирачкиот список истекува на полноќ, исто како и пријавувањето од дијаспората. Заврши и поднесувањето на барањата на граѓаните за запишување, дополнување или бришење од Избирачкиот список.
Претседателот на ДИК потенцира дека овие избори се важни и не е дозволена никаква грешка, бидејќи сме под лупа на ЕУ.